Сугарески: Почнува проектот од 70 милиона евра за изградба на преку 400 километри локални патишта

Од:

Министерството за транспорт и врски го објави првиот тендер за изградба и санација на локални улици и патишта во 17 општини, како прва фаза од проектот „Македонија без кал“. Со неа се опфатени 28 локални улици во должина од 23, 6 километри, во вредност од 4,5 милиони евра.

-Почнува големиот проект на изградба и санација на локални патишта во 81 општина во земјава и во град Скопје, кој опфаќа преку 400 километри локална патна инфраструктура во вредност од околу 70 милиона евра, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Ова, потенцираше, е долгорочниот, петгодишен проект „Македонија без кал“ и веќе почнува првата фаза која опфаќа 17 општини со 23,6 километри локални улици.

-Денеска го најавуваме почетокот на реализацијата на овој проект. Министерството за транспорт и врски го објави првиот тендер за изградба и санација на локални улици и патишта во 17 општини. Во оваа прва фаза ќе се работат 28 локални улици во должина од 23, 6 километри и во вредност од 4,5 милиони евра. Веднаш по завршувањето на тендерската постапка и роковите за избор, наесен започнуваме со градежни работи и тоа: 6 улици во Богданци, три во Кавадарци, по две улици во Ѓорче Петров, Неготино и во Тетово, по една во Карпош, Кисела Вода, Илинден, Кочани, Кратово, во Македонски брод, локален пат до селото Жубовце во Врапчиште, како и во Прналија-Шупуѓе во Радовиш, до село Слоешица во Демир Хисар, локалниот пат од Долно до Горно Липовиќ во Конче, неколку улици во селото Дворише во Берово и оваа улица на која во моментов се наоѓеме, улицата Мице Козарев во Прилеп, рече Сугарекси.

Тој дополни дека тендерската постапка е во тек, рокот за поднесување на понудите е до 18 август, по што следува евалуација на понудите, договор со изведувач и почеток со градежните работи.

Во оваа фаза се влезени само општините коишто до министерството доставиле готови ревидирани проекти, откако за тоа министерот апелираше во изминатиот период и тие веднаш беа одобрени од Светска банка.

Сугарески најави дека се работи и на вториот пакет- општини и тој ќе биде испратен на оодбрување во Светска банка кон средината на август.

– Кон средината на август ќе ги испратиме проектите од вториот пакет ќе ги испратиме на одобрување во Светска банка и веднаш штом Банката го одобри ќе го објавиме.Затоа е многу важно во овој период општините да подготвуваат проекти и да ни ги испратат за да можеме ефикасно и навремено да ги користиме средствата што ни се одобрени. Сметаме дека со овој проект, не само што ќе го подобриме урбаното живеење, туку ја зголемуваме безбедноста во сообраќајот, создаваме услови за економски развој на општините и привлекување нови инвестиции, изјави Сугарески.

За санација и изградба на локални патишта Прилеп има добиено милион и двесте илјади евра и како што вели градоначалникот Илија Јованоски се работи постојано. Освен тоа, во Прилеп во тек се три капитални проекти со над два милиона евра и наесен треба да бидат готови. Станува збор за реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на градот, големиот мост кај таканаречениот Сточен пазар и градскиот стадион „Гоце Делчев“.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

A1on

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска