Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка да заврши во предвидениот рок согласно договорот.
Патот почна да се гради во јуни годинава и согласно договорот треба да заврши во рок од три години.
– Градежните работи се во тек. Очекувам во наредниот период да се зголеми динамиката на работа и овој експресен пат да биде завршен во рамките на договорот, изјави Сугарески, кој денеска заедно со градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски извршија увид во градежните активности.
Според Сугарески, со овој експресен пат ќе се овозможи брза врска на Пан-европскиот коридор 8, а со тоа ќе се отворат и можности за подобрување на економските врски со Европската унија.
– Покрај регионално поврзување, со комплетирање на Коридор 8 и создавање на модерна патна мрежа ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и услуги и ќе им овозможиме на домашните компании полесно да се пробијат на нови пазари. Во таа насока го потпишавме и договорот со ЕБОР за реконструкција и проширување на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, со што создаваме комплетно нова патна делница на овој Коридор од значење не само за нашата земја, туку и за целиот регион, рече Сугарески.
Експресниот пат Ранковце–Крива Паланка е со вкупна должина од 25 километри, а инвестицијата чини 58,5 милиони евра.