Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска имаше средба со претставници од авио компанијата „Аркиа“ од Израел на која се разговараше за воспоставување на нова авиолинија на релација Скопје -Тел Авив.
Сугарески ги презентира можностите и условите што ги нуди Република Македонија за авиокомпании заинтересирани за операции од домашните аеродроми. Потенцира дека развојот на авиосообраќајот во Република Македонија е приоритет на Владата и во таа насока политиките што ги презема Министерството за транспорт и врски се движат кон обезбедување широка мрежа на дестинации во Европа и светот.
– Имавме плодна средба на која ги образложивме нашите услови за работа во оваа дејност во Република Македонија. Тие ги презентираа плановите за ширење на нивната мрежа и во Република Македонија со воспоставување на нова линија. Доколку во наредниот период постигнеме договор, овие планови ќе ги реализираме. Да се надеваме дека тие позитивно ќе одлучат и ќе се воспостави директен лет од Скопје до Тел Авив, изјави Сугарески по средбата.
Истакна дека Владата има обврска да се залага за развој на авиосообраќајот и во таа насока ќе се понуди поддршка на секоја авиокомпанија што сака да оперира во Република Македонија.
На средбата е разговарано и за придобивките што ќе ги имаат двете земји во однос на зголемување на туризмот, економските односи и културните врски доколку се реализира оваа авио линија.
– Во такви услови, Владата воспоставува политики за развој на ависообраќајот и обезбедување на подобри услови за граѓаните и сите други чинители во воздухопловната дејност во Република Македонија, истакна Сугарески.