Сугарески: Годинава ќе се градат 29 регионални патни правци

Од:

Во земјава во моментов се работи на 10-ина регионални патни правци, а до крајот на годинава ќе се реконструираат 29 регионални патишта во Македонија, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој, заедно со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски денеска беше на увид на работите со асфалтирањето на патот од Прилеп до Вештачкото езеро, еден од најфрекфентните и еден од најнебезбедните во Прилепско.

– Станува збор за патен правец од осум километри од Прилеп до Вештачкото езеро. Издвоени се 20 милиони денари, по половината од ЈП за државни патишта и од прилепската локална самоуправа. Реконструкцијата на овој патен правец е на барање на жителите на општина Прилеп. Станува збор за крајно небезбеден пат. Овие пари се за 2,6 километри. Инаку, ЈП за државни патишта во моментов работи на 10-ина регионални патишта во земјава. Планирано е согласно Програмата на претпријатието со 467 милиони денари годинава да бидат реконструирани 29 регионални патни правци во државава, рече Сугарески.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски многу е битно што се обновува овој пат. За да не се уништува, особено од камионите кои превезуваат мермерни блокови по овој патен правец, ќе се гради обиколница.

– Овие 20 милиони денари се за делницата од 2,6 километри, а ќе се рехабилитира целиот пат. Што се однесува до проблемот со возилата кои пренесуваат мермерни блокови, планирано е да се прави обиколен пат од шет километри од потегот на рудникот Сивец до регионалниот пат на Плетвар. Во постапка е проектната документација и тоа е проект за идната година, изјави Јованоски.

Додаде дека по 15 мај на три начини ќе се решава патната инфраструктура во Прилеп. Завршуваат сите тендери за ударните дупки, зафат вреден 10 милиони денари, а уште 10 милиони денари чини вториот тендер кој е во фаза на потпишување за рехабилитацијата на 4 улици во општината. Најобемниот тендер вреден 40 милиони денари е за асфалтирање нови улици.

– До крајот на годинава ќе имаме експанзија во патната инфраструктура во Прилеп. Имаме проекти за уште два регионални патни правци: патот Прилеп-Крушево и Прилеп-Македонски Брод, рече Јованоски.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески апелира до општините да ги користат парите за инфраструктура, и од Европската инвестициска банка и за водоводи и комунални зафати.

– Министерството прави огромни напори и апелира до градоначалниците да ги искористат оние 12 милиони евра од Европската инвестициска банка. Искористени се околу 40 милиони евра. Има општини кои, за жал досега немаат ниту денар потрошено, но има и општини кои ги искористиле тие средства. Но, битно е и оние општини кои ги искористиле средствата од ЕИБ може пак да аплицираат бидејќи, согласно договорот кој е постигнат со Владата и ТАВ ќе има дополнителни средства кои ќе се користат а комуналната инфраструтура, посебно за водоводи и канализациски системи, објаснува Сугарески.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

A1on

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска