Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска имаше работна средба со амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Герет, на која информираше за капиталните проекти што се реализираат во Република Македонија во делот на инфраструктурата.
Амбасадорот Герет, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, беше запознат конкретно со проектите што ќе се реализираат во следниот период во делот на патната инфраструктура, изградба на железницата на Коридор 8, како и за проектите што ги реализира министерството за транспорт и врски во комуналната инфраструктура и гасификацијата.
На средбата се разговараше за актуелните состојби меѓу двете земји, притоа акцент се стави на зголемување на економската соработка меѓу Република Македонија и Велика Британија.