Стопанската комора на Македонија денеска во Истанбул договори заеднички настап со турски компании на блиско-источните пазари и пазарите во Северна Африка.
Заедничката стратегија за поддршка на компаниите во заедничкото освојување на кавкаските, блиско-источните и пазарите на Северна Африка ја договорија копретседателите на Македонско-турскиот деловен совет, Бранко Азески и Хасан Хошбен и претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев.
Предвиден е заеднички настап на саеми, но и партиципирање на македонски компании во турските бизнис мисии. Договорено е овој пристап да се прошири и на регионот во рамки на активностите на Асоцијацијата на балканските комори (АБК). Во таа функција е предложено и веб-порталот на АБК да се стави во функција на заеднички регионален настап.
Стопанската комора на Македонија попладнево информираше дека во разговорите било подвлечено дека ќе се анализираат и проблемите со кои се соочуваат компаниите од двете земји во работењето, како и евентуалните пречки што се појавуваат пред странските инвеститори или пред увозниците и извозниците.
Како еден од конкретните проблеми е акцентирана процедурата за издавање дозволи за времено вработување и престој во Македонија за турските бизнисмени и работници. Исто така, оценето е дека треба да се разменуваат информации за бонитет на компаниите и за нивниот интерес за отпочнување деловни активности. Истакнато е дека на 23 март годинава ќе се одржи и традиционалната саемска манифестација на турски компании во Скопје што ќе биде уште една можност за меѓусебно препознавање и поголемо трасирање на заедничката соработка.