Стопанска комора: Пристапот до Солунското пристаниште е врвен приоритет

Од:

Околу 130 илјади тони македонска стока остана заробена на Солунското пристаниште како последица на 19-дневната блокада на граничниот премин Евзони од страна на грчките земјоделци и 14-дневниот штрајк на вработените во МЖ танспорт.

Ова беше посочено на денешната прес-конференција на Стопанската комора на Македонија на која претседателот на Македонската транспортна асоцијација Иван Петровски истакна дека е добро што Управниот одбор на Солунското пристаниште одлучил да не наплаќа дополнителен трошок за складиштење за овој период.

– Сите ги почувствуваме последиците од блокадите. Од грчка стана има најава за давање на Солунското пристаниште под концесија на глобален приватен пристаништен оператор, а најавена е и либерализација на железничкиот транспорт и воведување приватни железнички оператори. Тоа ќе биде добро и во голема мера ќе придонесе за натамошно намалување на економското растојание помеѓу пристаништето во Солун и пазарите во Република Македонија, рече Петровски.

Тој посочи дека е неопходно и во Македонија да се спроведат законските одредби и да се овозможи функционирање на здрави и конкурентни услови.

– Мислам дека затоа е формирано и регулаторното тело Агенција за регулирање на пазарот на железнички услуги. Доколку се исполнат условите конкуренцијата ќе го направи своето и ќе добиеме брз, сигурен, економски ефикасен и еколошки пријатен транспорт. Неопходно е да се направи и иницијатива за т.н. едношалтерско царинење. Тоа може да се направи во соработка со инспекциските и царинските служби на двете држави без никакви, без дополнителни финасиски инвестиции доколку постои желба и во голема мерка ќе го намали транзитното време во патниот сообраќај и транспортните трошоци, потенцира Петровски.

Претседателот на Здружението на енергетичари при Стопанската комора на Македонија, Ристо Јаневски рече дека треба да се оспособат сите гранични премини за транспорт и увоз на акцизни стоки што се неопходни за функционирањето на земјата.

– Моментално без автоцистерни и железница многу е тешко да се снабдува Македонија со нафтени деривати. На друг начин таа стока не може да се донесесе во земјава, нагласи Јаневски.

Во насока на сублимирање на штетите кои беа предизвикани од блокадите на граничниот премин Евзони и штрајкот во МЖ транспорт, Стопанската комора на Македонија в четврток ќе одржи трибина на тема „Сигурност во снабдувањето со стоки и нафтени деривати, можности и алтернативи“ на која претставници од сите дејности ќе се произнесат за штетите од блокадите и за изнаоѓање на решенија за надминување на ваквите состојби.

– Цел ни е да се презенираат прашањата кои се поврзани со сите предизвици, можности и расположливи решенија во сигурноста на снабдувањето со нафтени деривати и други стоки кои се неопходни за тековните потреби и работење на стопанството, како и да се укаже на последиците од ненавремените испораки на стоки до крајните дестинации, рече извршниот директор на Стопанската комора Јелисавета Георгиева.

Таа нагласи дека мора да се даде врвен приоритет на решавањето на проблемите кои се јавуваат од било каков вид блокади.

– Како земја без излез на море и без директен пристап до главните морски пристаништа, со слепи завршетоци на правецот исток-запад имаме огромен интерес од целосна инфраструктурна функционалност на Коридорот 10, рече Георгиева и додаде дека за македонските компании и за вкупниот развој на земјава посебно значење има непречениот пристап до Солунското пристаниште.

Би можело да ве интересира

Владеењето на правото и борбата против сивата економија и корупцијата, клучни проблеми за бизнисот

Ковачевски: СДСМ заедно со бизнис секторот ќе ја исполни целта за европска и развиена економија

Стопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност

Стопанската комора со сет барања за дополнителна поддршка на домашниот агросектор

Стопанска комора ќе бара од ЕУ да ги пролонгира роковите за одредени стандарди и регулативи кај бизнисот

Горан Наумовски

Стопанска комора: Владата го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, но бараме целосно да се стопира неговото донесување