Одгледувачите на овци бараат државата да ги дава пасиштата под концесија на 20 – 30 години, а не како сега, да потпишуваат договори за користење секоја или секоја втора година.
Поради неизвесноста дали следната година ќе потпишат договор за одредено пасиште, не можат, велат, ниту сакаат да инвестираат во изградба на штали и други капацитети неопходни за чување на добитокот и за сместување на овчарите.
Сточарите се жалат и на лошата инфраструктура, најмногу на немањето или непристапноста на патиштата до пасиштата.
– Бараме државата да ни даде договор за концесија до 30 години за да можеме да инвестираме. Никој не сака да инвестира кога не е сигурен колку и дали ќе седи во некое бачило или наместо него ќе дојде некој друг. Затоа бараме од државата да ни ги дава под концесија макар и на 20 или 15 години, ако не 30, а не како сега, да потпишуваме договори секоја година, истакнува Скендер Аме, претседател на Здружението на одгледувачи на овци „„Даши“ од Дебар, производител на традиционалното дебарско бело овчо сирење и сопственик на 700 овци.
Аме додава дека пред четири години пасиштата се даваа под концесија на подолго време, но потоа тој закон се укина, а не се донесе нов. Уште се работи на него.
И Шабан Мамуди кој чува овци во подножјето на Бистра, го посочува истиот проблем. – Не можеме да инвестираме зашто не знаеме дали и следната година ќе ја добиеме концесијата, односно дали ќе може да ги користиме објектите за кои ќе дадеме пари. Досега, во се сами вложуваме, нагласува Мамуди.
Директорот на јавното претпријатие за стопанисување со пасиштата Љуљзим Фејзулаи, информира дека законот е во финална фаза и треба да биде донесен до крајот на годинава. Во врска со инфраструктурата, пак, напоменува дека се работи интензивно, но по претходно утврден приоритет.
– До крајот на годината треба да се донесе новиот закон за пасишта, но сакаме да биде применлив и прифатлив од фармерите, тие да имаат бенефит од него. Со законот е предвидено пасиштата да се даваат под концесија 15 години и под точно определени критериуми. За предлог-текстот овие месеци ќе има јавна дебата на која ќе бидат поканети сите чинители – здруженијата на сточарите, министерствата за животна средина и за земјоделство, изјави Фејзулаи.
Најпрво ЈП за стопанисување со пасиштата препорачало концесијата да биде на 25 години, но претходната влада во консултација со Министерството за земјоделство, проценила дека и 15 години се многу.
– Може да се смени предлог-решението за давање под концесија на 15 години, како што предвидуваме со првичната верзија на новиот закон. Тој се уште не е готов. Токму затоа и ќе имаме јавна дебата со директните корисници на пасиштата – фармерите, кооперативите, експертите. Ако се утврди дека е добро да се даваат на подолго време, така и ќе биде, потенцира Фејзулаи.
Воедно најави изготвување регистар на пасишта.
– Македонија не знае со колку точно пасишта располага. Реална слика нема. Статистика имаме, но таа на терен не излегува исто зашто многу пасишта се узурпирани и на тоа мора да се стави крај. Исто така, многу пасишта се конвертирани, пренаменети, додека други се шуми, а во катастар се водат како пасишта, посочи директорот.
Во регистарот ќе има најмалку десет параметри: површина, бонитет, достапност,.., а пасиштата ќе бидат поделени по категории: висински, низински, алпски. Ќе има и препораки: кои пасишта се за крупна, а кои за ситна стока, кои се за пчеларење,…
Новина во законот, дополни Фејзулаи, е тоа што пасишта ќе се даваат и за живинарство, како и за одгледување шарпланинци.
Во врска со инфраструктурата, Фејзулаи информира дека од 2015 година се пробиени нови и се реконструирани стари патишта до пасиштата во должина од околу 150 километри.
– Оваа година отворивме пат од седум километри до пасиштата на Лешница, Попова Шапка, кај производителот Меџит, кој има 4.000 овци. Тој никогаш немал пат. Отворивме пат од 4,6 километри и во Вејце, во Студеничани, Скопско, како и во Думково, исто така, на Шар Планина, а го реконструиравме и патот во Сува Гора, подвлече Фејзулаи и додаде дека во сушните делови се направени 20 мини акамулации, како и четири бунари, два во Долнени и два во Кривогаштани.