Под мотото „Заеднички влијаеме“, денеска ќе се одржи првиот национален Стартап самит на кој над 20 претставници од македонската стартап заедница, заедно со претставниците на Владата ќе ги дефинираат чекорите кои треба да ги преземе за нашата држава да се позиционира како регионален стартап хаб.
Самитот се организира со цел градење посилна стартап заедница, зајакнување на претприемачкиот дух во македонското општество и создавање на глобално успешни стартапи.
Нстанот ќе содржи четири панел дискусии: Македонски стартап еко систем: Каде сме и каде сакаме да бидеме? 2016-2026; Иновации – Успешни приказни на македонските иновативни компании/стартапи; Пристап до финансии и Импакт бизниси водени во РСМ – Предности и предизвици.
Специјален гостин говорник ќе биде Себастијан Диаз Меса, поранешен директор на Стартап Чиле, кој ќе зборува на темата „Успешна приказна и зошто Северна Македонија има потенцијал да стане регионален стартап хаб?“. Најавено е и обраќање на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров.
Организатори на првиот национален Стартап самит се Стартап Македонија и Бизнис Импакт Лаб, поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската претприемачка програма (Swiss EP) која во последните неколку години активно работи на развој на македонскиот стартап екосистем и зајакнување на капацитетот на заедницата преку поддршка во справување со предизвиците со кои се соочува заедницата.