Средби со ММФ: Соодветните политики на Народната банка придонесоа за јакнење на отпорноста на шокови

Од:

И покрај периодот на исклучителни кризи, преку внимателно обмислени и добри политики и преку навремени мерки, Народната банка одигра значајна улога во зачувувањето на стабилноста на економијата и во јакнењето на нејзината отпорност. За овие достигнувања и за натамошните предизвици се разговараше на серија средби што ги оствари гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во рамките на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, на кои учествува заедно со министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и со нивните тимови.

Зајакнатата отпорност се согледува преку растот на девизните резерви коишто се повисоки за околу 40% во споредба со преткризниот период, што во голема мера е резултат на солидните приливи на странски директни инвестиции. Тие не само што имаат краткорочно позитивно влијание врз економската активност, туку го зголемуваат и долгорочниот потенцијал за раст на економијата. Во 2024 година, тие достигнаа 7,1% од БДП, едно од највисоките нивоа на странските директни инвестиции во нашата земја.

На средбите со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор, Јерон Клик, заменикот на извршниот директор, Марникс ван Риј, како и со шефот на Мисијата на ММФ, Анет Кјобе, беше исто така оценето дека е зголемена и отпорноста на банкарскиот систем, што е видливо преку значителното зголемување на капиталната позиција овозможувајќи солиден кредитен раст. Нашиот банкарски систем оствари најголем раст на адекватноста на капиталот во регионот, но и во споредба со земјите од Европската Унија.

„Надворешното окружување сепак е непредвидливо и неповолно, што може да се согледа и преку најновите проекции на ММФ со кои светскиот раст се ревидира надолу, а за процесот на дезинфлација се очекува дека ќе биде побавен. Исто така, ризиците за состојбата на светско ниво се претежно надолни, заради трговските војни и непредвидливите трговски политики. Во вакви околности, како централна банка и во иднина ќе им бидеме доследни на нашите политики за одржување на стабилноста во економијата, водејќи сметка за неизвесноста во светот и за домашните предизвици. Нашата цел е јасна – стабилен девизен курс и ценовна стабилност како темел за одржлив економски раст“, рече гувернерката.

Беше разговарано и за најновиот Светски економски преглед на ММФ, според кој светската инфлација и натаму ќе опаѓа до 4,3% во 2025 и 3,6% во 2026 година (минимална нагорна ревизија за по 0,1 п.п. од прегледот во јануари). Намалувањето и натаму ќе биде побрзо во напредните економии, додека земјите во развој и економиите во подем ќе се соочат со малку побавно приближување кон целите. ММФ препорачува внимателни економски политики и акцент на структурните реформи коишто ќе ја поддржат долгорочната стабилност.

На пролетните средби заедно со гувернерката учествуваат и вицегувернерот Фадил Бајрами и вицегувернерката Ана Митреска.

Би можело да ве интересира

Македонски Телеком воведува нов комуникациски концепт за сите корисници, без бариери и со неограничен интернет

Светските економии да се подготват: Доаѓаат незамисливи шокови

Предраг Петровиќ

АЛТА банка ја претставува новата апликација ALTA Bank2Go за побезбедни онлајн трансакции

One Macedonia и Ericsson потпишаа договор за развој на најсовремена 5G мрежа

Во текот на следната недела се очекува силна промена на цените на нафтата во светот

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците