Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска оствари средба со делегација од германското Министерство за економија и енергетика, Стопанската комора на Германија и Источниот комитет – здружение на источна Европа на германското стопанство, предводена од Хелге Толксдорф, раководител на секторот за проширување на ЕУ, Југоисточна Европа и Турција во Сојузното министерство за економија.
Како што соопшти прес-службата на МИОА, на средбата се разговарало за можноста за формирање билатерален комитет меѓу двете држави со цел зголемување на инвестиции на германски фирми во Македонија, размена на искуства, продлабочување на соработката, со посебен акцент на дигиталзиација на Македонија.
– Дигиталната агенда ќе биде дел од активностите на кои фокусирано ќе работи билатералниот комитет. Заклучоците од Дигиталниот самит се почеток на тоа што треба да значи дигитализација на Македонија, но и на регионот, потенцираше Толксдорф.
Манчевски се осврна на заложбите на МИОА во поглед на големиот број на проекти на кои Министерството паралелно работи во моментов.
– Зголемувањето на бројот на услуги кои ќе ги добиваат граѓаните по електронски пат, заедно со националниот порталот за Е-услуги кој ќе биде пуштен во употреба до крајот на оваа година, е цел која си ја зацртавме и на која посветено работиме. Придобивките од оваа активност ќе бидат големи и за компаниите но и за сите граѓани, истакна Манчевски.
Тој информира и за активностите околу мапирање на белите зони и зголемување на пристапот до интернет за сите граѓани. Во однос на заложбите за кибер безбедност, ги пренесе досегашните активности кои МИОА ги презеде во оваа област.
– Ја објавивме Стратегијата за кибер безбедност, а работиме и на Акциски план. Нашата иницијатива за креирање Академија за кибер безбедност и Македонија да биде домаќин, наиде на силна поддршка од Европската комисија, и сметаме дека ќе е од големо значење за сите земји од регионот, рече Манчевски.
На состанокот се разговараше и за искуството за организирање на првиот Дигитален самит во Скопје, на што ќе следи и Дигиталнит самит во Белград следната година.