Над 500 ученици во село Черкези, Кумановско, добија подобри услови за настава преку грант-средства од Европската Унија, односно инструментот ИПА. Грант средствата во износ од 1,96 милион денари за реновирање на основното училиште “Јероним Де Рада”, се доделени преку Проектот за подобрување на општински услуги, кој го реализира Министерството за финансии со поддршка на Светска банка и Европската Унија.
Со реновирање на училишната зграда, обезбедени се подобри услови за 530 ученици, како и за 58 вработени во училиштето. Направена е промена на внатрешната столарија, поставени се гипсни плочи на таванот, заменети се подовите, санирани се дупнатините и молерисани на sидовите.
Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека Проектот за подобрување на општинските услуги поддржува подобри услуги во сите општини во земјата, што вклучува и подобри услови за настава во училиштата и градинките. Тој рече дека преку Проектот, но и други мерки и реформи, Владата настојува да го подобри образовниот процес во земјата.
– За одржлив економски раст и подобар животен стандард, треба да се инвестира во човечкиот потенцијал. Инвестициите во oбразованието се од исклучително значење. Секој од нас е добар во нешто и има нешто да понуди. Оределбата на нашата Влада е да вложува во образованието – како во образованата инфраструктура, така и во подобрување на квалитетот на образовните програми. Следната година во буџетот се издвоени 27,4 милијарди денари за образование, што е за 2 милијарди повеќе во однос на годинава – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар истакна дека според финансиските средства можеби ова е мал проект, но со огромно влијание, бидејќи ги подобрува условите за настава за децата во училиштето.
-Првите години во развојот на децата се најважни за нивниот правилен развој. Токму поради таа причина од огромна важност е децата да имаат соодветни услови за учење. Со овој проект се работи токму на оваа цел – рече Жбогар.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитривески посочи дека преку вакви инфраструктурни проекти, општините работи на подобрување на условите за живот во руралните средини.
-Една од стратешките цели во Потстратегијата за рурален развој на општината е подобрување на условите за живот на населението во руралните средини преку реализирање на конкретната цел, односно подигање на стандардите на живеење преку имплементација на инфраструктурни проекти, како што е овој проект за адаптација на училиштето – рече Димитриевски.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Марко Мантованели, посочи дека адаптацијата на училиштето е дел од поголем проект. Преку Проектот за подобрување на општинските услуги, се реализирани повеќе инфраструктурни проекти, кои допринеле за подобри услови за живот за голем број на граѓани во земјава.
-Ова е дел од посеопфатна програма која ја правиме заедно со Министерството за финансии во рамки на МСИП проектот. Во рамки на таа програма 12.900 семејства имаа чиста и поквалитетна вода за пиење и повеќе од 524.500 граѓани имаат пристап до подобри комунални услуги – рече Мантованели.
Проектот за подобрување на општинските услуги овозможува финансирање на капитални општински проекти како водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност (улично осветлување, изолација на општински објекти и сл.), локална патна инфраструктура (модернизација и реконструкција на улици и патишта), комунални услуги (набавка на возила за јавните комунални претпријатија) како и други општински услуги и надлежности (изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.).