Сенатот разгледува предлог кризата во САД да се одложи до јануари – февруари

Од:

По петнаесет дена со блокирана Влада и на само два дена пред денот кога САД ќе се соочат со законската забрана да позајмуваат пари, и со тоа ќе се најдат банкротирани пред нивните обврски, двете завојувани партии успеале да постигнат договор во Сенатот.

Евентуалниот договор на демократите и републиканците, кој беше најавен вчера вечер, сепак треба да биде прифатен и во Претставничкиот дом каде републиканското мнозинство одби да одобри пари за здравствените реформи Обамакер, што доведе до блокадата на централната Влада на САД и до заканата за пробивање на границата на долгот.

– Постигнавме значителен напредок. Сите мора да бидеме трпеливи, можеби утре ќе биде светол ден, изјави Хери Рид, претседател на Сенатот и водач на сенатските демократи. Рид преговараше со Мич Мекконел, републиканскиот водач во Сенатот.

Според најавите, нивниот план предвидува деблокирање на Владата до 15 јануари, и кревање на границата на долгот до 7 февруари 2014 година, со што САД би добиле околу три месеци да постигнат посериозен договор.

Ова деблокирање на Владата, која мораше да испрати стотици илјади помалку потребни службеници на принуден одмор, би се случило со неколку помали отстапки на демократите кон републиканците, но без загрозување на Обамакер. Во меѓувреме, би се формирала комисија на претставници на двете партии, кои до средината на декември би преговарале за компромис за големиот број отворени прашања меѓу двете партии.

Доколку договорот во Сенатот биде постигнат денес, топката ќе биде префрлена кај републиканците во Претставничкиот дом и спикерот Џон Бојнер, кој ќе мора да убеди доволен број свои конгресмени да поддржат вакво решение, или пак да се обиде да го изгласа со поддршка на малцинските демократски конгресмени.

Последиците од блокадата на Владата засега не се чувствуваат многу во САД, каде околу 80 проценти од администрацијата работи нормално, а најголемите спорови се околу симболични прашања, како што е затворањето на спомениците на ветераните во Вашингтон.

Но, во четврток истекуваат мерките со кои Секретаријатот за финансии може да го одложува пречекорувањето на законски поставената граница за задолжување, која не дозволува да се позајмат пари над 16,7 трилиони долари. САД ќе мораат да избираат приоритети – што ќе продолжат да финансираат со парите кои ги собираат од граѓаните, дали тоа ќе биде отплатата на долгот, финансирањето на армијата, социјалните програми или илјадниците други помали трошоци.

Но, парите не се доволни за сите преземени обврски, и нешто ќе мора да биде скратено. Буџетот за претходната година, која заврши на 30 септември, изнесуваше 3,8 трилиони долари, од кои државата собра 2,9 трилиони, а остатокот го позајми. Дефицитот за следната година е нешто помал, и се проценува на над 700 милијарди долари, и доколку не биде постигнат договор, тоа се пари што Секретаријатот за финансии ќе мора некако да ги скрати од вкупниот буџет.

Но, последиците од евентуалниот банкрот на САД ќе бидат далеку поголеми од потребата некако да се покрие буџетска дупка од 700 милијарди долари.

– Довербата на светот во американските институции веќе е поткопана и механизмот кој може да доведе до катастрофа веќе е придвижен. Како резултат, економскиот раст во САД и во остатокот на светот ќе биде понизок, невработеноста повисока, а социјалните немири подеструктивни, вели блог-уредникот на Ројтерс Феликс Салмон.

 

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски