Семос Едукација пред околу 1000 сметководители и овластени сметководители ги претстави можностите за практична примена на вештачката интелигенција во сметководството, во рамки на Третата регионална конференција, организирана од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС), под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина“.

Презентацијата беше фокусирана на конкретни примери за примена на AI агенти во секојдневната сметководствена пракса, со цел оптимизација на процеси како што се обработка на даночни информации, усогласување на салда и обврски, следење на наплата на побарувања и автоматска обработка на влезни фактури.
Во рамки на конференцијата, Валентина Тасева, директор на Семос Едукација, истакна дека ваквите решенија имаат за цел значително да го намалат административниот товар и да ја зголемат ефикасноста и точноста во работењето.

„Развиваме AI агенти кои се интегрираат во клучните сметководствени процеси, од пристап до релевантни даночни прописи, до подготовка на предлог за книжење. Со нив се заштедува време, се намалува потребата од рачна проверка и се зголемува сигурноста на податоците. Тоа им овозможува на сметководителите да се фокусираат на анализа и носење квалитетни деловни одлуки, наместо на рутински операции“, изјави Тасева.
Презентираните решенија овозможуваат автоматско споредување на салда и обврски, следење на наплата на побарувања и структурирање на податоци од влезни фактури во формат подготвен за понатамошна обработка, при што контролата и финалната одговорност остануваат кај сметководителот.

Конференцијата отвори и поширока дискусија за иднината на професијата и потребата од адаптација кон новите дигитални технологии.
„Сметководствената професија се соочува со сè поголем обем на податоци и комплексни регулаторни барања. Дигитализацијата повеќе не е избор, туку неопходност. Важно е професионалците да имаат алатки кои ќе им помогнат да работат поефикасно, а истовремено да ја задржат целосната контрола врз процесите. Ваквите решенија се значаен чекор кон модернизација на професијата и подобрување на квалитетот на услугите“, изјави Весна Прентоска, претседател на ИСОС.
Семос Едукација, со повеќе од 30 години искуство во едукација и професионална надградба, продолжува да развива иновативни решенија кои одговараат на реалните потреби на пазарот и активно ја поддржуваат дигиталната трансформација на професиите.
ПР текст
