Дигиталната трансформација и вештачката интелигенција денес не се прашање на иднината, туку на секојдневното работење. Но, нивната вистинска вредност не се мери според бројот на воведени алатки, туку според тоа колку успешно се интегрирани во процесите и колку реално придонесуваат за ефикасноста и развојот на организацијата.
Оттука, и едукацијата за нивна примена мора да биде тесно поврзана со реалните предизвици и работни процеси во компанијата. Наместо пристап заснован на готови шаблони, сѐ поголемо значење добиваат решенијата прилагодени на конкретниот контекст, потребите и развојните цели на секоја организација.
Ова е особено важно ако се има предвид дека потребата од дигитализација денес не е ограничена на одреден сектор или индустрија. Без разлика дали станува збор за компании од ИТ секторот, финансии, производство, трговија или прехранбената индустрија, дигиталните алатки и вештачката интелигенција сѐ повеќе стануваат составен дел од секојдневното работење.
Следејќи ги овие потреби, Семос Едукација кон секоја организација пристапува индивидуално, со едукација и решенија прилагодени на нејзините специфични процеси и цели. Еден од таквите примери е соработката со меѓународната компанија ПИК КО ДООЕЛ, која повеќе од 25 години успешно работи на македонскиот пазар и е препознатлива по својата улога во индустријата за производство на храна.
Согласно глобалните трендови кои сѐ поинтензивно го менуваат начинот на работење, а воедно и како компанија која често е меѓу првите што препознава и воведува нови практики, ПИК КО навремено ја согледа потребата од имплементација на вештачка интелигенција во своите процеси. Паралелно со тоа, во Семос Едукација препозна партнер кој може стратешки да го води овој процес и да обезбеди практична и одржлива примена на AI решенијата.
Наместо фокус на генерички обуки, процесот започна со анализа на работните текови и идентификација на областите во кои мануелните задачи и подготовката на извештаи одземаат значително време и ресурси. Врз основа на добиените сознанија беше подготвена насочена програма за едукација и практична примена на AI алатки, вклучително и Microsoft Copilot, со цел подобрување на продуктивноста, оптимизација на процесите и поефикасно користење на податоците.
Како дел од процесот беа предложени повеќе од 20 конкретни сценарија за примена на вештачка интелигенција, почнувајќи од автоматизација на рутински активности и подготовка на извештаи, па сѐ до напредна анализа на податоци и поддршка при деловното одлучување. На овој начин, дигиталната трансформација беше поставена како постепен и практичен процес, тесно поврзан со реалните потреби и стратешките цели на компанијата.
Овој пример покажува дека успешната примена на вештачката интелигенција не зависи од големината на компанијата или од индустријата во која таа работи. Клучот е во препознавањето на вистинските потреби, правилниот избор на алатки и континуираната едукација на луѓето кои секојдневно ги користат. Кога технологијата, знаењето и деловните цели се усогласени, дигиталната трансформација станува двигател на растот, ефикасноста и долгорочната конкурентност.
