Се зголемува бројот на физички лица кои тргнуваат на Македонската берза. Статистичките податоци од Берзата покажуваат дека има зголемување на учеството на физички лица во куповната страна на прометот.
Позитивен тренд се бележи и кај бројот на странски купувачи во однос на бројот на странски продавачи.
– Имаме пораст на странските купувачи, а пад на странските продавачи. Лани од куповна страна, странците учествувале околу 10 проценти, а годинава речиси се 14 проценти. Во 2016 година имаме 24 проценти кај странците продавачи, а сега тој процент е 21,5. Така што имаме добар тренд на помал нето одлив од домашниот кон надворешните пазари, посочи денеска директорот на Македонската берза, Иван Штеријев.