Се уште без договор во Конгресот, загрозен американскиот кредитен рејтинг

Од:

Еден ден пред крајниот рок кога на САД им се заканува банкрот, американскиот Конгрес не успеа да постигне договор за буџетот и за долгот.

По завчерашната иницијатива за решение во Сенатот, каде страстите меѓу двете завојувани страни се пониски, Претставничкиот дом вчера се обиде да одговори со свој предлог, но по десетина часа преговори, вечерта конгресмените соопштија дека немаат доволно гласови за да донесат свој предлог.

Денес се очекува нов обид на Сенатот, додека кредитната рејтинг агенција Фич ги предупреди САД дека се соочуваат со намалување на оценката на нивната кредитоспособност.

Предлозите би содржеле одлука да се продолжи финансирањето на Владата на САД до 15 јануари и да се крене нивото на долг на земјата до 7 февруари следната година.

Републиканците, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, бараат ова да биде поврзано со повеќе измени на здравствената реформа Обамакер, како што е инсистирањето конгресмените и членовите на Кабинетот на Обама да се осигураат преку програмите што ќе ги нуди Обамакер.

Но, се очекува дека, доколку има договор, републиканците во него веќе нема да бараат целата програма на Обамакер да биде одложена за една година. Сепак, претседателот Барак Обама и демократите во Сенатот не се подготвени да прифатат многу дури ни од намалените републикански барања, и двете страни се обидуваат да победат во медиумската борба за тоа кој ќе биде обвинет дека повеќе и нанесува штета на државата.

Имајќи предвид дека и евентуалниот договор на САД ќе им донесе само три месеци, по што се стравува дека повторно ќе почнат преговорите за новото кревање на долгот, претседателот Обама навести дека сака да извојува голема политичка победа на републиканците во овој судир.

– Добра вест е што републиканците нема повеќе да сакаат да го повторат ова блокирање на Владата, изјави Обама во интервју за локален медиум од Ајова.

Анкетите покажуваат дека поголем процент од граѓаните ги обвинуваат републиканците за 16 дневната блокада на дел од сојузната Владата, како и за многу посериозната закана за банкрот на САД, но и Обама и демократите се соочија со пад на популарноста.

Рејтинг агенцијата Фич вчера дополнително ги зголеми тензиите во САД со најавата дека американскиот кредитен рејтинг го ставила под испитување и можно намалување. Агенциите како Фич ги оценуваат ризиците дека државата нема да ги исполни своите обврски кон доверителите во целост, поради политички причини, или едноставно поради тоа што има неодржливи долгови.

– Ова е потсетник до конгресмените дека САД се опасно блиску до банкрот, порача неименуван претставник на Секретаријатот на финансии за САД. Во 2011 година, за време на сличната тогашна расправија околу нивото на долг на САД, агенцијата Стандард и Пурс го симна рејтингот на САД од ААА на АА+.

Тоа беше прв случај во американската историја некоја од трите големи рејтинг агенции да прогласи дека американскиот долг не е од највисоката можна категорија. Во меѓувреме, интернет страницата www.healthcare.gov преку која Американците можат да се пријават да купат здравствено осигурување според новите правила предвидени од Обамакер, се уште не работи како што треба.

Властите не откриваат колку граѓани се пријавиле да купат здравствено осигурување, но некои од државите кои ги објавија бројките, јавуваат за само неколку стотици заинтересирани граѓани, па дури и за нула пријавени, како што е случајот во Аљаска.

Страницата, која беше отворена на 1 октомври, постојано се блокира при обидите на граѓаните да ги одговорат бројните прашања кои се бараат од нив, а телевизиите секоја вечер во програмите пренесуваат неуспешни обиди на новинарка да купи здравствено осигурување.

 

 

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски