Реконструкцијата на патот Битола-Демир Хисар готова до август, Сугарески очекува скок во реализацијата на капитални инвестиции

Од:

Рехабилитацијата на патниот правец Битола – Демир Хисар се одвива со забрзано темпо и се очекува да заврши до август, најавија денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов кои извршија увид на градежните активности.

Станува збор за инвестиција вредна еден милион евра. Покрај ова, во моментот се работи и на изработка на проектната документација за изградба на експресниот пат Битола – Меџитлија која се очекува да биде готова следната година, а јавниот повик за изработка на проектната документација за автопатот Прилеп-Битола треба да биде распишан годинава.

– Развојот на пелагонискиот регион е многу значаен за целата држава и заради тоа во овој момент инвестираме преку 18 милиони евра во рехабилитација на патиштата. Периодов нашиот фокус е ставен на подготовки за изградба на експресен пат од Битола до Меџитлија и изградба на автопат од Прилеп до Битола, изјави Сугарески.

Тој очекува сериозен скок во реализацијата на капиталните инвестиции во вториот и третиот квартал од годинава.

– Капиталните инвестиции се врвен приоритет. Во ресорот транспорт тие се реализираат со добра динамика. Имаме над 30 проценти реализација во патиштата, над 36 проценти во гасоводот, а во делот на комуналната сфера исто така има силен интензитет на реализација така што реално очекувам вториот и третиот квартал да имаме голем скок на капиталните инвестиции, изјави Сугарески.

Според Сугарески, со забрзано темпо се одвива и изградбата на магистралниот гасовод од Неготино до Битола кој се очекува да биде завршен до крајот на годината.

Од Јавното претпријатие за државни патишта најавуваат дека оваа есен ќе продолжи рехабилитацијата на останатиот пат од Битола до Кичево, а ќе се реконструира и постоечкиот пат од Битола до Меџитлија.

– Исто така, ќе се реконструира уште еден многу значаен патен правец за овој регион – регионалниот пат Битола – Тополчани – Прилеп, а во тек е и јавен повик за поставување на заштитна ограда на обиколницата на Битола. Генерално, можам слободно да кажам дека оваа Влада досега најмногу вложува во Пелагонискиот регион, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Одговорајќи на новинарско прашање за железничката пруга Битола-Кременица, кон Грција, министерот рече дека градежните работи се завршени, се инсталира оптички кабел и дека очекува да биде наскоро пуштена за сообраќај.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

A1on

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска