Макпетрол преку Македонската берза објави ценовно чуствителна информација, во која меѓу другото се вели:
Поради големите трошоци кои произлегуваат од складирањето на државните резерви на нафта, Макпетрол минатата година се откажа од продолжување на веќе истечената Лиценца за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, согласно Законот за енергетика.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), спротивно на законите и надвор од своите овластувања, без такво барање од Макпетрол, двапати во времетраење од една година го продолжува рокот на лиценцата за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, со што го присилува Макпетрол да продолжи да ја врши оваа дејност.
Компанијата, имајќи ги предвид државните интереси, веќе 26 години, на сопствен трошок и без надомест, ја извршува дејноста складирање на нафтени деривати за потребите на државата. Ова претставува сериозен трошок за Макпетрол, со оглед на тоа дека складирањето на државните резерви годишно чини околу 90 милиони денари (околу 1.45 милиони евра).. Станува збор за куриозитет и единствен случај во Европа во кој една приватна компанија без никаков надомест ја врши оваа дејност.
Но, Владата со години тактизира со донесувањето на подзаконски акти кои го регулираат надоместокот за складирање на нафтени деривати за потребите на Република Македонија,кои се предвидени согласно Законот за задолжителни нафтени резерви. Ова одолговлекување и незаконското продолжување на лиценцата за складирање од РКЕ, практично ја присилува компанијата да врши дејност која произлегува од предметната лиценца, а која не е регулирана енергетска дејност, согласно Законот за енергетика. Со ова, се оштетуваат акционерите на Макпетрол – компанијата, против својата волја, секоја година мора да издвојува по нови 1.45 милиони евра за складирањето на државните нафтени резерви!
Ваквото однесување на властите е уште поапсурдно, ако се знае дека постојат седум други компании кои ја имаат добиено истата лиценца од РКЕ за складирање на државните резерви. Ако Макпетрол се откажува од лиценцата, што е негово законско право, која било од овие компании може да ја преземе дејноста.
За да ги заштитат интересите Макпетрол АД Скопје и неговите акционери, од раководството на компанијата најавуваат дека ги преземаат сите расположливи законски можности за оспорување на самоволието и незаконското постапување на Регулаторната комисија за eнергетика.