Раскинати над 200 договори за земјоделско земјиште поради неплаќање закуп

Од:

Министерството за земјоделство ги интензивира активностите во земјишната политика. Покрај досега реализираните осум огласи за давање во закуп 6.972 хектари државни површини, паралелно работи на ослободување на државното земјиште од оние што го имаат во владение, но подолго време за тоа не плаќаат.

Како што информира денеска ресорниот министер Љупчо Николовски, досега се раскинати вкупно 212 договори поради неподмирен закуп. Во тек се постапките за несовесните субјекти, најпрво преку процесот на медијација.

-Се работи за земјиште што се давало под закуп на најмалку три години. Постапката за санкционирање ќе потрае, уште е во тек процесот на медијација. Сметаме дека веројатно бројот на раскинати договори ќе достигне околу 500 – 600, рече Николовски.

Во неплаќањето закуп за државното земјиште, како што нагласи министерот, предничат Гевгелија, Свети Николе и Куманово.

Николовски на прес-конференција соопшти дека за три недели завршува јавниот повик за доставување понуди за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектара. Најдоцна до 11 јануари следната година, потенцира, сите заинтересирани за овој јавен повик треба да достават комплетна документација со пријава за интерес до Министерството за земјоделство.

–За разлика од огласите за кои што МЗШВ ги објавува расположливите парцели, со овој повик им овозможуваме на земјоделците доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку изготвување геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Единствено земјоделците треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп, нагласи Николовски.

Овој јавен повик е наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта е да се стави во функција целото расположливо земјоделско земјиште, особено оние парцели што не се атрактивни и што се со понизок квалитет од четврта, петта, шеста, седма и осма класа, а можат да се искористат за производство.

– Целта на повикот е да се стави во функција секоја педа земја што може да овозможи земјоделско производство. Создаваме поволни услови сите земјоделци кои веќе се занимаваат со земјоделство, оние што сакаат да го прошират своето производство или да почнат агробизнис, да склучат договор со МЗШВ и да дојдат до земјиште. Земјиштето за кое ќе склучат договор треба да го искористат за покревање долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам, потенцира министерот.

Потсети и дека паралалено тече огласот за давање под закуп државно земјоделско земјиште над три хектари, меѓудругото наменет и за инвестиции во преработувачки капацитети.

На јавните лицитации за земјиштето по осумте огласи годинава, досега се склучени 256 договори за 1.295 хектари, а цената за закуп од почетните 800 евра достигнувала до 4.000 или 8.000 евра, зависно од атрактивноста. Најголем интерес за државното земјиште има во Прилеп, Свети Николе, Дојран и Гевгелија.

Би можело да ве интересира

Филипче најави тужба за клевета против Николоски – го нарече „кафански озборувач“

(ВИДЕО) Николоски: Очекувам двојна победа, победа на претседателските избори и победа на парламентарните избори

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

Орце Костов

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Николовски: 2024 е година на зголемена поддршка во сточарството, креиравме нови мерки според потребите на сточарите

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници