Во организација на Македонското здружение за заштита при работа и Машинскиот факултет Скопје денеска ќе се одржи прва работилница во државава за ергономијата и нејзината улога во безбедноста и здравјето на работниците.
– Ергономијата не е само општа свест, како што повеќето мислат, туку напротив, користи познавања и информации од огромен број науки и научни дисциплини, како: антропологија, биомеханика, психомоторика, анатомија, дизајн итн. Ги користи во насока на подобрување или оптимизирање на работните услови, зголемување на задоволството на работниците, намалување на професионалните заболувања и мускулоскелетни повреди, намалување на опасностите од работната средина, се во насока на креирање на здрави и безбедни работни места, појаснуваат организаторите.
Како што најавуваат, учесниците на работилницата ќе се стекнат со практични сознанија и информации, кои ќе можат да ги применат во нивните компании и ќе бидат компетентни да дадат проценка дали работните места се или не се ергономски организирани. Ќе бидат обучени како да прават ергономски подобрувања и да даваат конкретни препораки за унапредување и прилагодување на работните места, користејќи индивидуален пристап за секој работник. Ќе се запознаат со физичките вежби, кои треба секојдневно да ги извршуваат и ќе стекнат познавања за ергономскиот пристап, кој треба безрезервно да се применува во сите организации, на сите работни
места.