Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава поскапеле за 4,7 отсто на годишнo ниво, а бележат пад од 0,8 проценти во однос на претходниот квартал, покажува Индексот на цените на станови на Народната банка. Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.
Според податоците на Народната банка, во последното тримесечје од 2023 година становите поскапеа за еден процент во однос на третото тримесечје, а на годишно ниво за седум проценти. Во првиот квартал лани цените на становите се зголемија за 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво, во второто тримесечие од 1,6 отсто, односно од 12,9 отсто, а во третиот квартал од 2,9 проценти, односно од 11 проценти.
Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија, смета дека цените на становите кои подолг период бележaт постојан раст не се реални, но се очекувани.
Велковски во изјава за МИА, укажува дека е намален бројот на интересни профитабилни градежни парцели во поинтересниот дел од градската средина и оти нивната цена расте. Добрата работа, според него, е што добар дел од инвеститорите почнаа да градат на периферијата на градот, што е за поздравување, но како што укажува тоа треба да го следи соодветна инфраструктура.
-Цените на становите за изминатиот период не се реални, но се очекувани согласно тоа кои се сега во игра како градители на станови. Кога сопствениците на парцели за градба видоа дека градителите ги покачија цените на становите и тие ги зголемија нивните услови. Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега стасува и до 40 проценти од земјиштето, изјави Велковски.
Пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување бележи раст, според последните податоци од Регистарот на цени и закупнини за третиот квартал лани кога се регистрирани 5.527 трансакции.
Поголемиот проблем, дополнува, е што сега трговците инвеститори со станови немаат свои локации и се обраќаат кај сопствениците на земјиште на кое е предвидено да се гради, кои пак ги покачија условите и цената.
-Порано имаше два модела за договор со инвеститорот, да го откупат земјиштето или да се договорат за заедничка градба со соинвеститороство. Кога сопствениците видоа дека градителите ги покачија цените на становите сега и тие ги зголемија нивните услови Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега отиде и до 40 проценти од земјиштето, што не е ниту легитимно, легално и логично. Но, затоа што овие сакаат да градат сега овие другите ги зголемуваат условите и потоа се зголемува цената. На крај мене ме чуди која е уште таа категорија која може да поднесе таква цена на станови, а во Скопје сега веќе има 70 000 до 80 000 празни станови, вели Велковски.
Ако се оди со моделот со откуп на катастарска парцела во склоп на градежната парцела, појаснува, тогаш се наоѓаат пари во готовина, имаат веројатно некоја „слободна пара“ која тука се легализира преку откуп на земјиште.
-Замката во целата работа е што сега е намален бројот на интересни профитабилни градежни парцели во поинтересниот дел од градската средина и нивната цена сега скока. Добрата работа што ми се допаѓа е што добар дел од инвеститорите почнаа да бегаат по периферијата на градот, во Ѓорче Петров, Волково, Идризово, Петровец,.. што е добро за градот кој треба да се шири. Но, потенцира Велковски, тој дел треба да го следи соодветна инфраструктура, покрај патишта и училишта, градинки, места за рекреација и спорт. Сега се гради на многу места, но нема ниту градинки, ниту училишта, зеленило, места за спорт и рекреација… Станот не е само место за спиење, треба да се обезбедат сите услови, посочува Велковски.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваaт дека во јануари годинава издадени се 256 одобренија за градење, што е за 34,4 проценти помалку во однос на истиот месец лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 4 503 536 илјади денари, за 41,6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 166 (64.8 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 48 (18,8 проценти) за објекти од нискоградба, а 42 (16.4 проценти) за објекти за реконструкција.