Нова електронска продавница „Се за жена“ www.sezazena.com од денеска е дел од македонскиот пазар за електронска трговија, отворена со поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација МИОА.
Се за жена е единствена е-продавница во Македонија со еколошко социјална димензија во работењето. Профитот од работата, нејзиниот основач Организацијата Обука за одржлив развој (ОРТ) ќе го вложи во еколошки и хуманитарни кампањи од што очекува отворање работни места.
– Со секој купен производ или третман од сајтот се за жена купувачите ги помагаат еколошките и социјалните кампањи на здружението ОРТ. Освен комерцијален, продавницата има и социјален, хуманитарен и еколошки карактер, односно ја заштитува животната средина и помага во отворање работни места, оцени заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Според неа, sezazena ќе и помогне на модерната жена за пократко време да добие повеќе производи и услуги, без чекање во редици.
Новиот сајт нуди производи и услуги од повеќе категории, козметика, фризури, модни додадоци, рачни изработки, лекарски совети, едукација, производи за здраво живеење. Се нуди и козметика и алати за мажи, како и рубрика за деца, информира Биљана Стевановска, директор на ОРТ.
www.sezazena e дел од 31. електронска продавница отворени преку проектот на МИОА, со кој овозможи бесплатна изработка на сајтот за кој се конкурираше со бизнис план. Утре истекува рокот за пријавување нови бизнис идеи за изработка на уште 50 електронски продавници, што планира да ги поддржи МИОА во текот на годинава.
– Со вакви проекти се креираат бизниси и работни места и сите млади претприемачи треба да ја искористат можноста, посочи заменик-министерката за информатичко општество.
Според податоците што ги презентира, електронската трговија во Македонија бележи брз раст. Од десетина електронски продавници во 2010 година, лани на пазарот работеле 250. Минатата година 50 проценти од делопвните проценти имале сопствена веб локација, а 10 проценти овозможувале он-лајн нарачки.
ФОТО: МИА