Во организација на Аналитика тинк-тенк, денеска ќе бидат презентирани наодите од истражувањето „Состојбата во секторите транспорт и енергетика во Република Македонија, како до забрзување на реформските процеси“, поддржано од ЕУ проектот „ИПА2 Механизам“ спроведен од Евротинк, Еко-свест, Реактор и Зенит.
Според организаторите, идејата на ова истражување е да покаже кои се главните проблеми во овие два сектора што го кочат нивниот напредок и развој, од чија што анализа ќе произлезат иновативни решенија за забрзување на исполнување на реформите на патот кон ЕУ.
– Главниот заклучок е дека Македонија нема стратешка определба од сите заинтересирани страни на чело со институциите во кои правци ќе се развиваат секторите транспорт и енергетика. Најчесто и од приложеното се работи засебно на стратегиите, без консултации со останатите сектори и оттука произлегува неможноста за спроведување на стратешките документи во реалноста. Заклучокот е дека секторот транспорт е неразвиен, доста загадува и потребна е целосна смена на правецот на стратешко планирање решенија за да се намалат емисиите, но и да се зголеми мобилноста, посочуваат од Аналитика тинк-тенк.
Ова, според организаторите, особено важи за урбаниот транспорт. Истиот заклучок е и за секторот енергетика, велат дека одредени проблеми се провлекуваат со години, најмногу допринесува за загадувањето, скоро целосно се потпира на фосилни горива, увозот е преголем, недоволен е развојот во обновливите извори на енергија, и нема доволна поддршка од институциите законски и правно да го потпомогнат развојот на овој сектор.
– Потребно е усогласување на стратешките правци на различните носители на одлуки и воопшто на цела држава за тоа како ќе се развиваат овие два сектора, потребна е сериозна посветеност, човечки ресурси и финансии за да може земјата да фати чекор со остатокот од Европа, истакнуваат од Аналитика тинк-тенк.