Преговорите за спас на Кипар продолжуваат во Брисел

Од:

Наспроти информациите за договор меѓу Кипар и Тројката меѓународни кредитори од Никозија пристигнуваат нови пораки дека продолжуваат преговорите, пренесува ДПА.

Преговорите околу спасувачкиот пакет за Кипар се наоѓаат во многу деликатна фаза и ќе продлжат денеска во Брисел, се наведува во соопштението на кипарската влада.

Во соопштението ситуацијата се опишува како многу тешка, како и дека претседателот Никос Анастасиадис денеска во Брисел ќе има средби со европските претставници и ќе учествува во средбата на Еврогрупата.

Претходно кипарските медиуми објавија дека Кипар и тројката меѓународни кредитори постигнале договор за еднократно оданочување на депозитите во кипарските банки во вредност од над 100 илјади евра. Според договорот депозитите во водечката кипарска банка „Банк од Кипар“ треба да бидат оданочени со 20 процентен данок, депозитите во останатите банки во земјата со 4 процентен данок.

Кипар треба да собере 5,8 милијарди евра, ако сака да добие 10 милијарди евра финансиска помош од ЕУ и ММФ.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле повторно го предупреди Кипар дека неговото останување во еврозоната зависи од спасувачкиот план, што Никозија треба да го постигне со Меѓународната тројка, пренесува весникот „Велт“.

Предупредувањето е упатено неколку часа по средбата на министите од еврогрупата, посветена на Кипар. Шојбле, исто така, предупреди дека постои можност од неуспех на преговорите.

Преговорите ќе продолжат денеска во Брисел, откако вчера и во текот на ноќта тие се водеа на Кипар.

– Додека се водат преговорите, не можам да кажам категорично дека ЕУ ќе прифати да помогне на Кипар, нагласи Шојбле.

Според него само кога Тројката ќе оцени дека има проект, што ги содржи решенијата на проблемите на Кипар и кои ќе бидат во согласност со правилата, тогаш Еврогрупата ќе го разгледа ова прашање.

Шојбле нагласи дека едно од барањата на Кипар е депозитите под 100.000 евра да не подлежат на оданочување.

Германскиот министер изрази уверување дека сака Кипар да остане во еврозоната, но нагласи дека носи одговорност за стабилноста на еврото, додавајќи дека лошо решение за Кипар ќе направи лоша услуга и за еврото.

Би можело да ве интересира

Пресврт во истрагата за случајот со загинатиот Србин на Кипар

Србин загина на пешачки премин во Кипар, возачот не го видел пешакот

Горан Наумовски

Туристка била силувана од пет мажи во хотел во Кипар

Обезбедување на ноќен клуб уби турист од Велика Британија

Украинка била силувана и брутално убиена на Кипар

Поранешниот шеф на дипломатијата Христодулидис е новиот претседател на Кипар