Ако земјава не го укине или олесни визниот режим за Кина, ќе остане надвор од Балканскиот туристички пазар, а девизниот прилив, наместо тука, ќе заврши во регионот, предупредува Стопанската комора на Македонија.
Според Комората, Македонија треба да го укине и визниот режим за т.н. Гулф земји (Катар, Кувајт, Бахреин, Оман, Обединетите Арапски Емирати).
Воедно нагласува дека ниту еден од македонските хотели се уште нема „халал“ систем, а многу е слабо и познавањето на кинеската култура, традиција, обичаи и кујна.
-Визното олеснување драстично би го зголемило бројот на кинески туристи, а подразбира можност да се вдадат визи на аеродромот во Скопје. Србија пред две години одобри безвизен режим по што два – три пати го зголеми бројот на туристи. Се воведе и редовна линија од Белград до Кина што уште повеќе придонесе за развојот на туризмот, истакна заменик-претседателот на Здружението за туризам, Славе Сирачевски.
Бројот на кинески туристи во светски рамки се проценува на околу 135 милиони годишно и тие трошат 330 милијарди долари. Македонија од овие пари и, генерално, од светскиот туристички тренд, бележи само 0,1 отсто приход.
-Сите земји од регионот го имаат либерализирано визниот режим со Гулф земјите, само Макдонија има визи за речиси сите од нив. Србија и Црна Гора веќе креираат конкретни заеднички дестинации за туристите од Катар, Кувајт, Оман,…, кои се сериозно заинтересирани за посета на балканските држави, истакна на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Комората.
Комората денеска ќе достави официјално барање до министерствата за внатрешни и за надворешни работи за одржување состанок на кој би се разгледало ова прашање. Досегашните двогодишни напори да се реши ситуацијата со визниот режим за Кина и Гулф земјите поминале без конкретен резултат.
-Од нашите укажувања за олеснување или укинување на визите остана на тоа дека двете страни се запознаени со барањето и интерес постои, но конкретни чекори не се преземаат, потенцира Михајловска Василевска.
Во Македонија и натаму се најбројни туристите од Турција, Србија, Бугарија, Грција, Холандија,…