Над 300 компании со разновидна програма од градежништвото ќе се претстават на 10. издание на Меѓународниот саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација, кој што денеска на Скопскиот саем ќе го отвори вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Паралелно со најголемиот бизнис настан од областа на градежништвото Скопски саем ќе биде домаќин и на 3. Саем за недвижности и инвестиции RealExpo.
Меѓу најавените компании на Саемот за градежништво што ќе трае до 9 март, дел ќе изложуваат прв пат, а дел по неколку годишно отсуство повторно се враќаат во халите на Скопски саем. Во три изложбени хали на површина од 9.000 метри квадратни ќе претстават градежни материјали, изолација, кровови, малтери, лепаци, бои и лакови, подови, лифтови, системи за обезбедување, плочки и санитарии, врати и прозори. Во надворешниот изложбен простор ќе се претстават компании со програма од градежната механизација. Покрај домашни, на саемот ќе има компаниите од Србија, Турција, Италија, Словенија, Косово, Германија…
– Саемот за градежништво и оваа година ќе понуди богата програма од градежната индустрија, а капацитетот е зголемен за 10 проценти во однос на минатата година. Ќе се промовираат, нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти, а сето тоа ќе привлече експерти од областа на градежната индустрија кои ќе дискутираат и склучуваат зделки во кои ќе ги вклучат и новите трендови во повеќе категории, изјави oперативниот директор на Саемот за градежништво Валентина Димитрова.
Карактеристика на Саемот за недвижности, пак, ќе биде најавената понуда од инвеститорите на 1.500 нови станови. На штандовите ќе се вршат промоции на нови објекти и ќе се промовираат поволните услови за купување станови преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Потенцијалните купувачи на недвижнини ќе можат да ги проследат градежните и инвеститорски компании „Адора”, со понуда на енергетско ефикасни станови во Скопје, Охрид и Струмица, „Трим”, со станови во Скопје и Охрид, „Настел“, со станови во Скопје, како и понудите на „Импексл 2”, „Еуроактива” и „Курум Холдинг” со објект Гранд Престиж.
Во текот на саемот ќе се одвиваат и повеќе настани во Конгресниот центар на Скопски саем и на штандовите на изложувачите. Посебен акцент ќе се стави на презентацијата на тема „Искористување на волната и текстилниот отпад во изработката на изолациски материјали за градежната индустрија”, која ќе се одржи в среда, во организација на Агенцијата за енергетика, CeProSARD и Скопски саем. Проектот „Урбан Еко Експо 2013“ ќе има промоција во Метрополис Арена, каде секојдневно ќе се одвиваат презентации и промоции на тема „Зелена урбана палета“. Проектот е во соработка со Саемот на градежништво, Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило“, „Градски паркинг“, „Улици и патишта“, „Јавно сообраќајно претпријатие“, „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“ и „Дрисла“.
Од Скопски саем очекуваат годишното издание на саемите за градежништво и за недвижности да надмине 15.000 посетители.