Со симболично откинување на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ денеска официјално почнува годинашната берба на преспанското јаболко.
На почетокот на бербата, што традиционално почнува на големиот христијански празник Крстовден, покрај градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски најавено е присуство и на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Во рамките на манифестацијата на Плоштадот во Ресен ќе се одржи саем каде над 30 компании ќе ги изложат своите производи, механизација, алати и заштитни препарати поврзани со овоштарството.
Годинашниот, 16-ти „Преспански јаболкобер“ почна во петокот со настап на Ефто Пупиновски, Елена Велеска, Миле Кузмановски и групата Персиди. Изминатиот викенд настапи имаа и Тања Царовска, Даниел Кајмаковски и Суперхикс.
Во петдневната прослава беа одржани и детски музички хепенинзи, промоци на книги, научна трибина на тема „ Современите пристапи во наводнувањето и фертилигацијата во земјоделското производство“, а гостување имаше и Турскиот театар од Скопје.