Во објавеното рангирање за квалитетот на мрежите во Европа на ниво на држави од страна на порталот www.connect.de во рубриката Топ тема нашата држава е позиционирана на високото второ место co 913 поени, веднаш зад Холандија со 914 поени, а е пред Австрија (902) и Швајцарија (899). Најдобро рангирана држава по нас од земјите во регионот е Хрватска (872) на 12. место по која следи Србија (871) на 13. место, објави Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) која има надлежност и да ги контролира и мери параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги.
АЕК во февруари лани донесе Правилник за параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги кои се остваруваат преку јавна радиокомуникациска мрежа. Со Правилникот ги задолжи операторите да обезбедат определен минимален квалитет на услугите кои ги обезбедуваат преку радиокомуникациски мрежи. Ваквиот потег, велат од АЕК, ги поттикна операторите да ги развиваат и модернизираат сопствените мрежи за да го постигнат соодветниот квалитет на услугите кои ги добиваат крајните корисници. За да се провери работата на операторите, АЕК котинуиранo спроведува мерења на квалитетот на услугите кои ги обезбедуваат и двата мрежни оператора на целата територија на државата и резултатите од тие мерења ги објавува на веб-страницата на АЕК www.komuniciraj.mk. Во Правилникот се дефинирани мерните методологии кои ги запазуваат спецификациите на Европскиот институт за телекомуникациски стандарди (European Telecommunications Standards Institute-ETSI) дефинирани во стандардот ETSI TS 102 250.
Од АЕК напоменуваат и дека мерната методологија што ја спроведуваат за LTE-технологијата е прифатена од Европската канцеларија за комуникации (European Communications Office-ECC), официјализирана е во документот ЕСС Report 256 (LTE Coverage Measurements) и претставува еден вид на водич кој дава насоки на европските регулатори за мерење на LTE. Како потврда за резултатите од ваквата мерка што ја спровеле во пракса, потенцираат од АЕК, е објавеното рангирање за квалитетот на мрежите во Европа на ниво на држави од www.connect.de во рубриката Топ тема, објавена на 5 минатиот месец.
– Охрабрена од високиот квалитет на услугите што македонските оператори ги обезбедуваат за своите корисници во споредба со останатите европски оператори, АЕК и во иднина ќе го следи развојот на технологиите и ќе поставува критериуми според кои корисниците на електронски комуникациски услуги во Македонија ќе добиваат квалитетни услуги, објави АЕК.