ВМРО – ДПМНЕ денеска оцени дека започнатата изградба на патиштата не треба да биде прекината од страна на Владата и посочи дека СДСМ треба да ги исполни дадените ветувања за изградба на 550 километри автопати и 600 километри магистрални патишта.
Осврнувајќи се на стопирањето на изградбата на автопатите Божидар Петроски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека СДСМ ја политизира изградбата на автопатот Кичево – Охрид не земајќи ја предвид важноста на проектот.
– Секаде во светот при изградба на големите инфраструктурни проекти, се појавуваат одредени проблеми, но задача на одговорните ресори е да пронајдат решенија за отстранување на тие проблеми и навреме да се довршат овие проекти за кои потребно е многу време да се подготват и да се реализираат. Исто така секој ден одложување на изградбата значи и загуба за економијата и туризмот поради лошата инфраструктурна поврзаност и слабиот проток на возила која постои во моментов, рече Петроски.
Тој посочи дека се проблематизира и пуштањето на автопатот Демир Капија – Смоквица и изградбата на експресниот пат Прилеп – Градско, а прекината е и градбата на автопатот Штип – Миладиновци.