Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавачи дека согласно Заклучокот на Техничката Влада на Република Северна Македонија донесен на Шестнаесеттата седница одржана на 16 април 2024 година, деновите 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) се неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија. Работодавачите во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние работодавачи каде работните процесите заради својата природа не можат да се прекинат.
За наведените денови Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали Заклучокот на Техничката Влада се почитува од страна на работодавачите.
Некои услужни дејности како супермаркети, сендвичари, трафики, бутици за облека и книжари веќе најавија дека 24 април ќе биде работен и тој ќе им биде дополнително платен според додатокот за прекувремена работа регулиран со закон.
Одлуката на Владата за прогласување на двата изборни денови за неработни предизвика полемики кај правниците и синдикатите. Правниците сметаат дека Владата со заклучок не смеела да прогласи неработни денови и да не ги почитува Законот за работни односи и Законот за празниците.
Револт кај јавноста предизвика и дополнителната одлука на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири овие два дена учениците во основно и средно училиште да ги одработат во саботите во месец јуни.