Откупот на тутунот се одвива непречено, производителите реагираат за цената

Од:

Откупот на тутунот се одвива непречено и без застој, потврдуваат од Тутунскиот комбинат – Прилеп. Според директорот Кире Станкоски, досега се откупени половина од договорените количества по просечна цена од 197 денари за килограм.

Дел од производителите реагираат дека откупната цена е ниска, а шест градоначалници и четворица пратеници од Пелагонискиот регион минатата недела најавија официјално барање до Парламентот за промена на Законот за тутун поради увозот и неможноста на државата да има контрола во откупот.

-Откупот се одвива непречено, без проблеми и оспорувања. Досега се откупени половината од договорените количества од околу 3 000 тони. просечната цена е 197 денари за еден килограм. Во зависност од тоа каков квалитет на тутунот кооперантите носта за откуп, таква е цената и се надеваме наредниов период просечната цена ќе се зголеми. нема оспорувања на процената и нема проблеми, вели Станкоски.

Дел од тутунарите, особено од новоформираните тутунски здруженија, остануваат на ставот дека и покрај квалитетната реколта, откупната цена е ниска.

Како што истакнува Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани здруженија, тутунарите работат со загуба.

– Реколтата е квалитетна, ама нема реална процена на тутунот и тутутнарите се во загуба. Така е овие три години. нема оправдувања за ваквите ниски цени. Затоа инсистираме да се направат измени во Законот за тутун за да се забрани увозот пред да се откупи целата реколта, вели Мирчески.

Шест градоначалници и четворица пратеници од Пелагонискиот регион минатата недела на средба најавија официјално барање до Парламентот за промена на Законот за тутун, поради увозот и неможноста на државата да има контрола во откупот.

– Бараме измени во Законот, да нема увоз додека не се откупи домашната реколта. Проблемот е и во ниската откупна цена, а според Законот „главен збор“ имаат откупувачите, што не е во ред, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Ристески, еден од четоврицата кои најавија дека до Собранието ќе поднесат предлог за измени на Законот за тутун.

За здружението на производители на тутун при Стопанската комора, не е проблем увозот. Откупувачите законски се обврзани да го преземат договорениот род со кооперантите, а увезениот не е од истите сорти. За Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, проблемот треба да се бара во ниските цени по класи. Претседателот на Сојузот, Менде Стомнароски вели дека цената не е соодветна на квалитетот, но проблемот се ниските цени по класи.

– И да се промени Законот за тутун, нема да значи за нас. Просечната цена од 190инекој денар не е соодветна на квалитетниот род. проблемот е во ниските цени по класи. Затоа е битно, сите заедно да дејствуваме за наредната реколта да се зголемат цените по класи, вели Стомнароски.

Откупот на тутунот ќе се интензивира оваа недела, по новогодишните и божикните празници. Според тутунарите, реколтата тешко ќе стигне до 20 000 тони, иако се склучени договори за 22 000 тони тутун. Се очекува откупната кампања, главно, да заврши со почетокот на февруари, иако законскиот рок е до крајот на март.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: Нови субвенции за тутунопроизводителите по 6.000 денари за секој хектар тутун

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Талески: Ново зголемување на откупата цена на тутунот за 35 денари, досега имаме просечна цена од 365 денари

Откупувачите ги потпишаа анексите со зголемена цена на тутунот, откупот веднаш се интензивираше

Во Прилеп се очекува да се интензивира откупот на тутунот

Откупувачите ги отворија пунктовите, тутунарите не го носат родот за откуп