Од Министерството за финансии информираат дека направиле промена на структурата на својата веб-страница за поголема транспарентност на јавните финансии.
– Со цел да се подобри транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, на официјалната интернет страница додаден е посебен оддел „Статистика“, во кој лесно достапни се сите поважни информации како што се извршувањето на Буџетот, јавен долг и долгот на државата, макроекономски индикатори и статистички прилог, се наведува во соопштението од МФ.
Најважна промена, како што посочуваат, е започнувањето на објавување податоци кои досега не биле достапни за јавноста. – Прв таков податок е Извештајот за месечните приходи и расходи на различни буџетски корисници. Со него јавноста секој месец ќе има увид во состојбата кај сите пооделни буџетски корисници, се додава во соопштението.
За олеснување на научно-истражувачката работа на експертската јавност и новинарите, како што посочуваат од Министерството за финансии, сите податоци отсега ќе бидат објавувани во отворен Ексел формат, наместо во пдф.