Нова кредитна линија на Развојната банка наменета за компании за дигитализација и дигитална трансформација

Од:

Нова кредитна линија воведува националната Развојна банка која е наменета за компании за дигитализација и дигитална трансформација. Ќе има поволни услови односно ниски каматни стапки, а корисници може да бидат микро, мали и средни компании.

Директорот на Развојната банка, Кире Наумов, на прес-конференција во Владата соопшти дека кредитната линија ќе се реализира преку квалификувани банки учеснички и е креирана, пред се, да им овозможи на компаниите поволна кредитна поддршка при реализација на проекти од сферата на дигитализација и дигитална трансформација.

– Реализацијата на кредитната линија во почетокот е исклучиво од сопствени средства на Развојната банка. Корисници на оваа линија преку банките учеснички може да бидат микро, мали и средни трговски друштва. Каматната стапка до крајните корисници ќе биде максимум до 2,9 проценти, рече Наумов.

Новата кредитна линија ја промовираше премиерот Димитар Ковачевски кој истакна дека со дигитализацијата им се овозможува на компаниите побрз и поефикасен деловен развој.

-Степенот на дигитализацијата и економскиот развој се директно поврзани, не само што отвораат врати за нови можности за компаниите, туку ги прават и поконкурентни и отвораат нови бизнис-можности за вработување нови генерации дипломирани студенти од нашите универзитети, рече Ковачевски.

Нагласи дека Владата прави се државата да има силен економски развој и раст и затоа, рече, се залага за креирање можности за пристап до средствата за инвестирање и имплементација на дигитални стратегии и планови т.е. за дигитална трансформација.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман Марти, на промовирањето на новата кредитна линија рече дека дигитализацијата е предуслов за трансформација на општеството, за раст на економијата и за просперитет на земјата.

-Новите дигитални технологии и алатки може да имаат значително влијание врз промовирањето на иновациите, зголемувањето на ефикасноста и да доведат до подобра конкурентност на приватниот сектор… Инвестирањето во дигитална трансформација бара значителни финансиски и човечки ресурси на краток и на долг рок, рече амбасадорката.

Истакна дека создавањето приспособена кредитна линија за дигитализација со поволни услови може да има сериозен препородувачки ефект и да придонесе кон значително зголемување на инвестициите во оваа област.

-Препознавајќи ја важноста од добро креирана кредитна линија, Швајцарија има волја да ја поддржи Развојната банка на Северна Македонија да спроведе анализа за потребите за финансирање на дигитализацијата во приватниот сектор со тоа што ќе допре до компаниите низ земјата, рече амбасадорката Марти и посочи дека кредитната линија може да биде стимул за компаниите од ИКТ-секторот да ја искористат оваа можност за развивање решенија за, како што рече, нивно тестирање на домашниот пазар и потенцијално да се дојде до нови пазари и перспективи.

Би можело да ве интересира

Парите од унгарскиот кредит наменети за компаниите ќе одат преку Развојната банка, се очекува да бидат достапни до Нова година

10 милиони евра докапитализација на Развојна банка од страна на државата, наменети за поддршка на домашните компании за справување со ефектите од енергетската и ценовната криза

Ана Ололовска

Нови 42,2 милиони евра пласирани кон домашните компании преку Развојната банка

А1он

Именувани нови членови на Надзорниот одбор на Развојната банка

Ана Ололовска

Развојна банка: 11 декември краен рок за поднесување на барање за дополнителен грејс-период за „Ковид 3“ кредитната линија

Ана Ололовска

Објавен јавен повик за корисниците на „Ковид 3“ кредитната линија, за дополнителен грејс период од 12 месеци

А1он