Нова буџетска драма во Конгресот, САД имаат десет дена да се договорат за долгот

Од:

Американскиот претседател Барак Обама почна кампања за алармирање на јавноста за заканата од должничката бездна, која ќе настапи на почетокот на март доколку демократите и републиканците не постигнат договор за натамошниот тек на задолжувањето на САД.

Привремениот договор постигнат на почетокот на годинава овозможи двомесечно финансирање на буџетскиот дефицит, но САД ја достигнуваат границата на задолжувањето овозможена со оваа мерка во следните десетина дена. Обама вчера ја предупреди нацијата дека доколку задолжувањето не продолжи, ќе дојде до кастрење на голем број секојдневни услуги.

Ова е второ соочување на демократите и републиканците околу буџетот, по драматичното новогодишно гласање околу даночните стапки. – Граничните патроли ќе мора да дејствуваат со скратено време.

– Агенти на ФБИ ќе бидат ставени на принуден одмор. Јавните обвинители ќе мора да престанат да работат на случаите и да пуштат криминалци да излезат на улица. Илјадници учители ќе бидат отпуштени. Десетици илјади родители ќе мора да се снаоѓаат без градинки за нивните деца. Стотици илјади Американци ќе останат без пристап до основната здравствена нега, и до мерки како што е вакцината против грипот и скенирање за рак, изјави претседателот Обама барајќи од Конгресот да реагира за да се запази рокот од десетина дена за постигнување договор.

Договорот наречен секвестер, постигнат во 2011 година, предвидуваше дека, доколку двете најголеми партии во САД не постигнат согласност за справувањето со огромниот долг, кој изнесува 16,5 трилиони долари и расте за трилион секоја година, автоматски ќе бидат спроведени мерки на кратење во армијата, социјалните програми и голем дел од други активности на Владата.

Изборите во ноември 2012 година не го сменија односот на силите во Вашингтон, при што демократите ја имаат Белата куќа и Сенатот, а републиканците победија во изборите за Претставничкиот дом, и останува обврската двете страни да постигнат договор за зголемување на долгот над законски поставените максимални 16,4 трилиони долари, или за намалување на расходите.

Во отсуство на договор, доколку настапи секвестерот, Секретаријатот за одбрана најави дека денес ќе ги информира своите 800.000 цивилни службеници дека може да очекуваат испраќање на принуден одмор.

Други институции, како затворите, воздушната пловидба и секретаријатот за здравство најавија дека работат на планови како да продолжат со нужните активности, а да скратат од помалку важните дејности што ги вршат.

Сепак, Њујорк тајмс оцени дека претседателот Обама ја преувеличува заканата и дека секвестерот предвидува во текот на годинава само околу 85 милијарди долари реално да бидат скратени од државниот буџет.

Вкупните заштеди, предвидени со овој договор, ќе бидат околу 2,4 трилиони долари во текот на 10 години.

Како излез од кризата, Обама бара намалување на кратењата што се предвидени во социјалните програми, а притоа сака дополнително да се зголемат даноците за побогатите Американци. Републиканската страна сака уште поголеми кратења на буџетот, 4 милијарди долари за следните 10 години и балансирање на буџетот, а притоа одбива нови зголемувања на даноците кои веќе се зголемија со новогодишниот договор за избегнување на таканаречената ‘фискална бездна’.

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски