Дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов го критикува Министерството за финансии дека за една година енормно ги зголемило каматните стапки на државните записи.
Според Наумов, на денешната аукција на државни хартии од вредност, со која се запишаа 93,6 милиони евра, каматните стапки на 6-месечните и 12-месечните записи се зголемени за 84 проценти и 53 проценти соодветно.
„Министерството за финансии во услови кога каматните стапки во цела Европа паѓаат, вклучително и референтната каматна стапка на Европската централна банка која е на историско најниско ниво од 0.05%, за само 1 една година енормно ги зголеми каматните стапки на државните записи. На денешната аукција на државни хартии од вредност, со која се запишаа 93.6 милиони евра, каматните стапки на 6-месечните и 12-месечните записи се зголемени за 84% и 53% соодветно.
Ако 6-месечните записи кои доспеваат за враќање оваа недела пред 6 месеци беа запишани со каматна стапка од 1.25%, денес за истите да бидат вратени се запишани нови со каматна стапка од 2.3%. Слично е и кај 12-месечните записи. Ако пред една година каматната стапка изнесувала 1.7%, денес за истите да бидат вратени, Министерството за финансии запиша нови записи со рок на враќање од една година, ама сега со каматна стапка од 2.6%.
Сето ова е доказ повеќе дека оваа власт не втурнува во уште подлабоко должничко ропство со континуирано зголемување на јавниот долг и зголемување на каматните стапки.
Вишиот управен суд со својата небулозна одлука овозможи дополнително време за нови, поскапи задолжувања на грбот на сите граѓани“, се вели во соопштението на дополнителниот заменик министер Кире Наумов, за денешната аукција на државни хартии од вредност.