„Со предлог законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност од јули 2014, кој е предложен од страна на Владата на Република Македонија, се намалува прагот за регистрација на ДДВ обврзник од 2.000.000 денари на 1.000.000 денари.
Во образложението за ова решение е наведено дека целта за измената е зголемување на лојалната конкуренција на пазарот.
Сепак, само 4 години претходно, Владата го промовираше четвртиот пакет антикризни мерки за кој Груевски изјави дека ќе имаат позитивни ефекти не само на краток рок за стимулирање на растот и развојот во земјата, туку и за подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани, како и за подигнување на конкурентноста на македонската економија.Втората од мерките наведени во четвртиот антикризен пакет е поврзана со Законот за данокот на додадена вредност, односно подигнат е прагот за регистрација на даночните обврзници за ДДВ од 1.300.000 на 2.000.000 денари.
Додека Груевски сам со себе се договори што придонесува за зголемување на конкурентноста на македонската економија, намалувањето или покачувањето на прагот за регистрација на ДДВ, македонските фирми се затвараат.
Во 2015 година приходите по основ на ДДВ се пониски за 6.3% од проектираните и што е уште поалармантно, во апсолутен износ приливите од ДДВ во 2015 година се пониски од износот собран во 2014 година.
За колапсот на државната каса доволно зборува и фактот дека и покрај средствата од четвртата еврообврзница за само два месеци Ставрески преку домашните аукции на државни хартии од вредност го зголеми нето долгот за нови 60 милиони евра. Колку е алармантна состојбата потврда е и закажаната аукција за наредниот вторник, иако нема доспеани долгови за враќање.
Очигледно е дека поради погрешните економски политики на кумашинскиот двоец Груевски-Ставрески, преку индиректно зголемување на даноците се прави обид за зголемување на приходите во буџетот“ се вели во соопштението на Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов за промените во Законот за ДДВ.