Цената на годинашната пченица да не биде повеќе од осум денари за килограм, бараат мелничарите. Според нив, моментните проблеми со кои се соочуваат, се резултат на договорените цени и несоодветните решенија во изминатиот период. Единствен критериум, нагласуваат, е пазарната цена, а таа е утврдена на берзата во Нови Сад.
– Разумна цена за домашното лебно жито би била најмногу осум денари за да се произведе брашно со кое би конкурирале на производителите од соседството, истакнале мелничарите на последниот состанок во Стопанската комора на Македонија.
Тие, како што соопшти Комората, едногласно се изјасниле дека им е потребен простор за фер натпревар во однос на квалитетот на произведеното брашно.
Мелничарите не се задоволни и со измената на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2016 година со која, наведува Комората, беше предвидено на мелничарите да им се исплаќа по еден денар за килограм откупена пченица од реколтата 2015 година.
Компаниите инсистираат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најдоцна до денеска да ја измени Уредбата и повторно да биде уредена мерката за директни плаќања за откупена пченица од реколтата 2015 од домашно производство. Воедно бараат и да се вратат на сила критериумите кои важеа и за увозниците на брашно.
– Со последните измени на Уредбата, се доведува во прашање опстанокот на домашните мелничари, кои се загрозени од страна на нелојалната конкуренција, стои во соопштението од Стопанската комора.
Според мелничарите, доколку има препорачана цена за домашната суровина, тогаш би требало да има препорачана цена и за брашното.
Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија го одржа последниот состанок пред осум дена, на 21 јуни годинава.