Национална федерација на фармери бара 16 денари за „смедеревка“ и 17 за „вранец“

Од:

Минимална заштитна цена за грозјето рамна на производствената, која изнесува 16 денари за килограм “смедеревка” и 17 за “вранец”. Ова е само едно од барањата на лозарите кои синоќа остварија средба во Неготино, во организација на Националната Федерација на фармери на Македонија.

Тие побараа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата (банкарска гаранција од откупувачите). Во Програмата за финансиска подршка на руралниот развој да влезат заштитние мрежи, антифрос системи, инсталирање на вентилатори, заштитни фолии, како мерки за заштита и адаптација на овој сектор и целиот земјоделски сектор на новите климатски промени.

Меѓу барањата истакнати на средбата се и враќање на противградобијните ракети, да се поддржат автохтони сорти кои можат да бидат конкурентни, да се зајакне контролата од страна на надлежните институции за издавање на лиценци за лиценцирани откупувачи. Да се создадат правила и услови преку правна регулатива, за продажба од куќен праг на преработки од грозје.

На средбата со производители на грозје и вино се дискутираше за состојбите во лозарството и почетокот на откупната сезона. На средбата присуствуваа околу 50 производители на грозје од тиквешкиот, гевгелиско-валандовскиот, струмичкиот и штипскиот регион.

Како што истакна претседателката на НФФ, Васка Мојсовска лозарството е основна дејност на огромен број луѓе од тиквешкиот регион, а Македонија е земја на виното и грозјето.

– Сепак откупната цена на двете најзастапени сорти во Република Македонија “смедеревка” и “вранец” не е помрдната во изминатите 10 години, иако трошоците на производството се зголемени дури и за повеќе од 50 проценти, рече Мојсовска.

Според анализата на НФФ од прозиводителите на терен се покажало дека цената на „смедеревката“ е 16, а на „вранецот“ 17 денари, додека откупната на „смедеревката“ била од 10 до 11 денари, а на вранецот е од 12 до 13 денари.

– Да се обединиме и да бараме начини за алтернативни пазари. Градот го уништи грозјето, дајте да ги вратиме противградобијните ракети за да се бориме со климатски промени, осигурувањето е проблем, бидејќи не функционира системот па или им даваат милост или агенциите им даваат колку да преживеаат. Да се бориме за нашите права, кванташките пазари не функционираат, рекоа дел од присутните лозари на средбата.

Би можело да ве интересира

Франција: Полицијата ги разоткри продавачите на лажни премиум вина

Благодарение на СДСМ цените на грозјето се покачуваат гарантирано за 25 отсто, велат од партијата

МЗШВ: Производната цена на килограм „смедеревка“ 18,3 денари, а на „вранецот“ 20,8

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

(ВИДЕО) Неколку лица се уапсени по судирите меѓу земјоделците и полицијата на саемот во Париз

Горан Наумовски

За првпат ќе се утврдува производствена цена за килограм винско грозје, предлог-законот за вино помина во прво читање на Комисијата за европски прашања