Ивана Николоска од Прилеп, која живее во Мелбурн, е два милионитиот патник на Скопскиот аеродром.
Таа претпладнево пристигна од Доха со летот на „Катар Ервејс“, а на аеродромот беше пречекана од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, извршниот директор на ТАВ Македонија Алпер Ерсој и претставници на компанијата.
Во кусата изјава за медиумите Николоска рече дека доаѓа во Македонија за претстојните празници и оти е изненадена, но и среќна што токму таа е два милионитиот патник.
– Ова е навистина големо изненадување. Многу ми е мило што јас сум избраниот патник. Се надевам дека ќе се множат уште многу во иднина, рече Николоска.
Со зимскиот ред на летање од Меѓународниот аеродорм Скопје функционираат 37 редовни авиолинии до 35 дестинации.