Минималните плати на работниците на Балканот на европско дно

Од:

Бука – Сараево

Меѓу балканските земји, најниска минимална плата имаат граѓаните на Косово, Македонија и Албанија, а највисока убедливо граѓаните на Хрватска. Најголемата минимална месечна плата во ЕУ е во Луксембург и изнесува 1.923 евра, што е 15 пати повеќе од најнискиот минималец на Балканот, кој изнесува околу 130 евра на Косово.

Според последните достапни податоци, минималната плата на Косово се движи од 130 до 170 евра. Во Македонија минималната плата изнесува 131 евро, во Албанија 149 евра, додека во Србија е 174 евра. Од останатите земји во регионот, минималната плата во Црна Гора изнесува 193 евра месечно, додека во БиХ 191 евро.

Инаку, минималната плата изнесува минимален договорен износ на пари кој работодавецот треба да го плати за со закон одреденото работно време кое во БиХ може да биде подолго од 52 часа неделно. Под тој минимален износ не е можно законски да се исплати плата, а работодавецот да не сноси последици од инспекција и државните органи.

Експертот од областа на развојната економија Златко Хуртиќ, во разговор за АА истакна дека минималната плата во БиХ, но и во другите земји од регионот, е меѓу најниската во Европа.

– Што се однесува до нашата минимална плата таа е на европското дно. Меѓутоа, не е најниска, бидејќи во регионот имаме пониска минимална плата во Македонија, во Косово, додека дури пониска минимална плата од нас имаат и некои земји на ЕУ, како што е Бугарија. Минималната плата во БиХ е многу ниска, но постојат и пониски – рече Хуртиќ.

Според него, сегашната минимална плата во БиХ е на реално и оптимално ниво.

– Мислам дека е оптимална за сегашната економска состојба. Таа е многу важен елемент во преговорите меѓу владата, синдикатот и работодавецот. Постоечкото ниво од околу 375 КМ е оптимално да овозможи оптимални вработувања и задржување на постоечките работни места, со оглед на тоа дека на платата се плаќаат придонеси и разни даноци, кои се многу високи. Со самото зголемување на минималната плата ние би имале зголемување на оптоварувањето на стопанаството. А мислам дека тоа не е политика која треба да ја следиме, токму поради тоа што високото оптоварување на стопанството е една од најважните причини за високата невработеност – истакна овој економски експерт.

Во БиХ, според неофицијалните податоци, околу 30 отсто работници во производството имаат минимална плата.

– Според некои неофицијални статистики или некои разговори, мислам дека секој трет работник во стопанството е на минималец. Меѓутоа, сите работници во државна служба не се на минималец туку примаат редовна плата. Причината зошто голем број на работници во стопанството се на минималец, се високите даночни одбитоци – објасни Хуртиќ.

На крај потенцира дека може да дојде до зголемување на минималната плата кога ќе се постигне договор меѓу владата, работодавците и синдикатите.

– Во состојба кога имате договор меѓу државата, работодавците и синдикатите, може да дојде до зголемување на минималецот. До тоа обично доаѓа кога состојбата на вработеноста е многу подобра од кај нас, кога се создаваат одредени услови во смисла на помали даночни одбитоци кај работодавците. Тогаш може да дојде до консензус да се зголеми минималната плата – објасни Хуртиќ.

Од друга страна, највисока минималната плата во регионот на Балканот примаат работниците во Хрватска, каде минималецот, како што наведува Статистичкиот завод на ЕУ Еуростат, е 396 евра.

– Минималецот во ЕУ од 184 до 1.923 евра

Според последните податоци на Евростат, минималните месечни плати во ЕУ се движат од 184 евра во Бугарија до високи 1.923 евра во Луксембург. Минималната плата законски е регулирана во 22 од 28 земји на ЕУ. Во земјите во кои минималната плата не е законски пропишана, направена е пресметка според бројот на работните часа месечно.

Најниски минималци во ЕУ примаат Бугарија (184 евра), Романија (218 евра), Литванија (300 евра), Чешка (332 евра), Унгарија (333 евра), Летонија (360 евра), Словачка (380 евра), Естонија (390 евра), Хрватска (396 евра) и Полска чии граѓани примаат минимална плата од 410 евра.

Следат Португалија (589 евра), Грција (684 евра), Maлта (720 евра), Шпанија (757 евра) и Словенија (791 евра). Во седум земји на ЕУ минималната плата е над 1.000 евра. Така граѓаните на Велика Британија примаат минималец од 1.379 евра, a следат Франција со 1.458 евра, Ирска 1.462 евра, Германија 1.473 евра, Белгија и Холандија со по 1.502 евра и Луксембург со 1.923 евра.

За споредба, минималната плата во САД во јануари 2015 година изнесувала 1.035 евра. Во Турција минималната плата за првите шест месеци оваа година изнесува 1.202 лири, т.е. 434 евра, а за остатокот од годината 1.274 лири, или 460 евра.

Би можело да ве интересира

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Плаќаме 33% поскап дизел, а се уште возимe најевтино на Балканот: Кои се цените на горивата во регионот

Орце Костов

Невреме доаѓа во Македонија – Црвен метео аларм на Балкан, поплави, ризик од торнадо, противградни ракети нема да помогнат

Драматично предупредување на словенечки метеоролог: На Балканот стигнува нова суперклеточна бура

Катерина Ѓуровски