Министерството за финансии со писмено соопштение реагираше на соопштението на СДСМ.
„Издавањето на државни хартии од вредност е редовна активност на Министерството за финансии, воведена уште во 2004 година.
Согласно Законот за јавен долг и максималниот износ за задолжување на домашниот пазар, објавениот календар за аукции, како и согласно понудата и побарувачката на државните хартии од вредност од страна на инвеститорите, Министерството за финансии носи одлука за оптималниот износ.
Финансирањето на буџетскиот дефицит преку домашни извори, односно државни хартии од вредност е предвидено и со Буџетот за 2017 година.
Освен финансирањето на буџетскиот дефицит, издавањето на државните хартии од вредност има за цел и да го развие пазарот на капитал во земјава. Ќе потсетиме дека во 2004 година, тогашната влада на СДСМ плаќаше огромни камати за државните записи и 5 пати повисоки од денес (11%), за средства кои само седеа на депозитната сметка и немаа никаква друга намена освен развивање на пазарот на капитал.
Министерството за финансии води одговорна политика на управување со јавниот долг, што е истакнато од сите реномирани финансиски меѓународни институции, затоа сметаме дека истиот не треба да биде предмет на дневно политички манипулации“ стои во реакцијата на Министерството за финансии.