Министерството за финансии соопшти дека на денешната аукција на државни хартии од вредност има повлечено повеќе средства во однос на сумата која доспева утре за враќање по основ на стари долгови и оти средствата ќе бидат искористени за финансирање на буџетскиот дефицит.
– Со цел реализирање на расходите во Буџетот за 2017 година, Министерството за финансии, како што веќе најави, повлече средства од домашниот пазар на капитал за финансирање на буџетскиот дефицит. За да ја покрие разликата помеѓу приходите и расходите, како што е проектиран Буџетот за 2017 година, Министерството за финансии на денешната аукција на државни хартии од вредност повлече повеќе средства во однос на сумата која доспева утре за враќање по основ на стари долгови од издадени државни хартии од вредност, се наведува во соопштението.
На денешната аукција на државни хартии од вредност беа шестмесечни државни записи со и без девизна клаузула, 12 месечни записи и 15 годишна обврзница.
Според министерот за финансии Драган Тевдовски, целта на овие задолжувања е да се обезбедат средства за финансирање на дефицитот по најевтина каматна стапка.
– За да се реализираат постојните расходи во Буџетот за 2017 година, Министерството за финансии ќе започне на домашниот пазар да повлекува поголеми износи од оние кои доспеваат, односно ќе го зголеми нето повлекувањето на државни хартии од вредност. Истовремено, Министерството за финансии ќе ја намали фреквенцијата на одржување на аукции на државни хартии од вредност на два пати месечно. Ова го правиме со намера да се поттикне секундарното тргување со државните хартии од вредност каде ќе се јават инвеститори кои имаат потреба од ликвидни средства на покуси рочности од кои кои се нудат на редовните аукции на државата, изјави Тевдовски на прес-конференцијата за издавање на календарот за аукции на ДХВ одржана на 28 јуни.
Министерството за финансии планира задолжувањето на домашниот пазар на државни хартии од вредност да продолжи и на среден рок, но комбинирано со странско задолжување.