Директорот во ИТ-секторот во државниот преносен оператор МЕПСО кој бил разрешен и му била исплатена отпремнина, сега ќе почне повторно да работи во истиот сектор во МЕПСО иако најверојатно бил отпуштен затоа што не можел да ги исполни очекувањата на работното место.
Томи Божиновски бил директор на ИТ-секторот и после одлуката за разрешување и добивањето отпремнина замила да работи во „Марнет“, Македонска академска истражувачка мрежа која е формирана од Владата. После три години се враќа на функцијата директор на ИТ-секторот.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи смета дека овој потег на државната компанија МЕПСО е нелогичен и неетички затоа што друштво во сопственост на државата менаџира како во приватна компанија.
– Беа ревидирани низа менаџерски договори во државните компании. Од многу поодамна некој ги подучил директорите да потпишуваат договори со клаузули како во овој договор. Повеќето договори се ревидирани со намалување на привилегиите на менаџерите. Јас се согласувам со тоа дека треба да се регулира овој проблем. Еднаш разрешен човек кој веројатно е отпуштен поради тоа што не можел да ги исполни очекувањата на тоа работно место, нелогично и неетички би било да се врати на истото место – истакна Битиќи по посетата на компанијата „Сивус“.
Според законот за трговски друштва именување и разрешување на членови на Управен одбор е во надлежност на надзорниот одбор, а сумата која се дава како отпремнина во случај на раскинување на менаџерски договор пред истекот на важење била дефинирана со договор за уредување на односите меѓу друштвото и член на Управниот обор.
Државната ревизија за 2021 година констатираше дека директорите и членовите на управниот и надзорниот одбор имале менаџерски договори според кои им следувале отпремнини од 12 месечни плати по заминување на функцијата.