Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска во врска со исплатата на степенот на кариера препорача институциите кои можат веднаш да им ги исплатат овие средства за вработените, тоа да го сторат, а оние институции каде тоа не е можно да се стори веднаш, да се договорат со вработените за динамиката на исплата.
– Имавме заклучок на Влада во кој се дава препорака до институциите да ги исплаќаат надоместоците. Бараме раководните лица во институциите и вработените да седнат и да се договорат за динамиката на исплата на овие средства. Разбираме дека луѓето се ослободија и почнаа да ги бараат своите права, но исто така бараме разбирање од нивна страна бидејќи преку ноќ во сите институции не ќе може да се исплатат овие средства. Во некои институции се работи за трошоци во висина од 10 проценти од буџетот на институцијата и сериозен е товарот што треба да го преземат институциите, рече Манчевски.
Тој додаде дека воопшто немаат дадено насоки за бланко спогодби и оти ќе стапат во контакт со Синдикатот на УПОЗ за да се реагира соодветно.
Синдикатот на УПОЗ вчера на прес-конференција обелодени дека во дел од институциите на вработените им се даваат бланко спогодби за утврдување на степенот на кариера, а во дел и воопшто не се даваат спогодби.