Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска беше дел од GÉANT инфо денот, каде беше промовиран GÉANT како пан-Европска академска и истражувачка мрежа.
Министерот Манчевски, зборуваше за заложбите на МИОА и Владата во делот на спроведување на дигиталната агенда и соработката помеѓу бизнис заедницата, академијата и граѓанскиот сектор.
„Дигиталната трансформација не е лесна. Тоа всушност е доста скап потфат. За да се оствари потребни се инвестиции во инфраструктурата, но и во човечките ресурси. Но, конечно имаме свест. Конечно, сите ние сме заедно, владини институции, бизнисите, академијата. Не само од Македонија, туку и од сите балкански земји во заеднички напори да направиме нешто повеќе за нашите граѓани. Имаме волја, посветеност и соработка, заедно да ја прифатиме промената. Многу ми е мило што гледам дека еден од столбовите на новата стратегија на ЕУ е дигитализацијата. Агендата на комесарката Габриел е тесно поврзана со политиките на 6-те економии Западен Балкан и заеднички се трудиме да ги подобриме животните стандарди на нашите граѓани“, истакна министерот Манчевски.
Зборувајќи за проектите на кои во моментов работи МИОА, министерот Манчевски, се осврна на Технолошкиот парк, којшто до крајот на оваа година треба да биде пуштен во употреба.
„Технолошкиот парк е едно од проектите за обезбедување на инфраструктурна и финансиска поддршка за иновативните активности. Владата ќе дејствува како ангелски фонд, кој ќе ги поддржи новите компании во нивните најризични фази на развој. Воспоставувањето на модерен парк за наука и технологија е иницијатива која има за цел да ја зајакне конкурентноста на водечките индустрии во земјата и да го поттикне развојот на нови сектори.
Технолошкиот парк е мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија како еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија. Останатите два столба се однесуваат на мерки за финансиска поддршка за нови гринфилд и браунфилд инвестиции, создавање на нови и подобри работни места, технолошки развој и истражување, како и подобрување на деловната соработка и неповратната поддршка за компаниите. Овие два столба ќе се имплементираат преку новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите“, информираше министерот.
Придобивките од реализација на мерките предвидени во овие три столба се големи. Ова ќе доведе до поддршка на новите претпријатија, намалување на невработеноста, зајакнување на конкурентноста, ефикасност и продуктивност, поттикнување на соработка помеѓу домашни и странски компании, како и зголемување на инвестициите.
„За вас како истражувачи и научници, важно е да се знае дека сакаме да ја промовираме Македонија како место за тестирање за новите ИКТ технологии. Комбинацијата на отворени институции, капацитети за истражување и развој, висококвалификувани професионалци, финансиска и логистичка поддршка за нови иновативни компании и новата енергетска инвестициска околина, е совршена дестинација дури и за високо развиените ИКТ компании да ги тестираат своите нови технологии во Македонија.
Во првиот квартал од оваа година Македонија оствари рекордно високо ниво на странски инвестиции. Ги поздравуваме сите кои сакаат да сакаат да ја изразат својата иновација“, заклучи министерот пренесувајќи ги главните заложби на Владата во контекст на создавање на конкурентна економија, одржлив економски развој и висок животен стандард на граѓаните.