Со реализација на летот од Малта на скопскиот аеродром „Александар Велики“, ТАВ Македонија денеска го одбележа воведувањето на трите нови дестинации – Малта, Рим и Ваксјо, како и одлуката на Виз ер да инвестира во поставување на 4-от воздухоплов во нејзината база во Скопје.
На новите рути од Скопје до Малта, Рим и Ваксјо, ќе се лета со модерниот Ербас А320 со 180 седишта. Патниците можат да ги резервираат авионските билети на wizzair.com со цени почнувајќи од 1.119,99 денари.
– Виз ер, авиокомпанијата која е број еден во Македонија, продолжува со својот пораст овозможувајќи им на нашите клиенти да патуваат низ Европа и подалеку по најниски цени. Нашиот четврти воздухоплов на скопскиот аеродром ќе создаде голем број дополнителни работни места, а новите дестинации кои се додаваат на мрежата на рути, значат уште поголем избор за патниците на Виз ер од 27-те популарни авиолинии од Скопје до 13 држави, изјави Сорина Рац, менаџер за корпоративни комуникации во Виз ер.
Новиот воздухоплов што се поставува денеска во базата во Скопје носи вкупна инвестиција во Македонија од 396 милиони долари, како и 139 вработувања, велат од Виз ер.
– Би сакал да ја изразам нашата благодарност за одлуката на Виз ер да го постави својот четврти авион во базата на скопскиот аеродром „Александар Велики“, што претставува значајна одлука бидејќи се работи за голема инвестиција, а тоа покажува дека воздухопловството во Македонија сѐ уште се развива и е стабилно. Со поставувањето на 4-от воздухоплов во базата во Скопје авиокомпанијата додава и три нови дестинации – Ваксјо (Шведска), Малта и Рим, а ги зголемува и фреквенциите на некои од веќе постојните авиолинии. ТАВ Македонија ќе продолжи да работи на отворање нови авиолинии, проширување на фреквенциите на веќе постојните рути, како и на носење нови авиокомпании на пазарот, за што сме во тесна соработка со Министерството за транспорт и врски и сите надлежни владини институции, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Експанзијата на Виз ер во базата во Скопје носи пораст од 17 отсто кон вкупниот годишен капацитет, вклучително и порастот на фреквенциите на некои од најпопуларните линии до: Ајндховен, Брисел (Шарлероа), Меминген (Минхен Запад), Копенхаген, Гетеборг (Ландветер) и Братислава. Во исто време, Виз ер ќе овозможи конекции на дневна основа од Скопје до популарните дестинации како што се Малме и Милхаус. Проширената ниско-буџетна мрежа на Виз ер во Македонија и понатаму ќе ја поттикнува туристичката и угостителската индустрија, притоа зајакнувајќи ги бизнис-односите меѓу земјите, истакнуваат од Виз ер.
Од почетокот на 2017 година, преку половина милион патници патувале на авиолиниите на Виз од Скопје, што претставува пораст од 12 отсто споредено со истиот период минатата година, а што во исто време поддржува 375 работни места во сродните индустрии од оваа област на работење.
ТАВ Македонија во првите шест месеци од 2017 година забележал 6 отсто пораст на бројот на патници, споредено со истиот период минатата година, или на двата македонски аееродрома, скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, од јануари до јуни поминале вкупно 860.130 патници. Со новите дестинации на Виз ер, како и другите авиокомпании кои ќе се отворат, и зголемувањето на фреквенциите на постојните рути, од ТАВ Македонија очекуваат повисока стапка на пораст на сообраќајот во втората половина од оваа година.