Македонски софтвер – неискористен потенцијал за извоз

Од:

Добрата мрежна информатичко комуникациска инфраструктура, кадарот што излегува од ИКТ факултетите и искуството на фирмите, создаваат услови за поголем развој и на софтверскиот дел од македонскиот пазар со поголема додадена вредност.

Анализите на Факултетот за информатички технологии и компјутреско инжинерство ФИНКИ покажуваат оти за разлика од претходниот период десетина македонски  ИТ компании  развиле успешни продукти што ги продаваат на странските пазари, што се смета за нова димензија на домашниот софтверски пазар.

– Од ФИНКИ и од останатите факултети што се занимават со ИТ  во принцип излегуваат прилични квалитетни кадри на чија основа се темели растот на ИТ индустријата  особено во делот на развој на софтвер во кој  има голем број мали и средни компании кои на концептот  аутсорсинг развиваат софтвер за надвор. Според анализата што ја правевме пред неколку дена веќе има десетина македонски компании кои стигнале до нивото да прават сопствени продукти коишто ги продаваат низ целиот свет, вели за МИА деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов.

Тоа, истакнува, е сосема нова димензија на развојот на македонскиот софтверски пазар бидејќи станува збор за продукти што се успешни на светско ниво. На пример има продукти  кои имаат 500.000 корисници и тоа се веќе сосема други димензии на развојот на софтверската индустрија. Во изминатите десет години внатре во фирмите покрај едукацијата се собра доста искуство и знаење кое поприлично добро ни дава некоја позиција да можеме да успееме на светските пазари, укажува Трајанов.

Според него, врз основа на добра мрежна инфраструктура, меѓу другото развиениот широкопојасен интернет, компаниите што развиваат софтвер имаат предуслови да бидат успешни на светските пазари.

Сепак, посочува Трајанов, треба да се направи дистинкција во домашната ИТ индустрија  на дел од компаниите што работат во Македонија што е помал, и поголемиот дел што работи  и развива софтвер   што се продава надвор од Македонија. Има компании со над 100-ина вработени што не продаваат ништо  во Македонија односно се што произведуваат е  за надвор. Состојбата треба да се  разгледува од тој аспект и  всушност тоа е приказната зошто  ИТ индустријата  може да е малку различна од  другите индустрии, односно од се што работат најголемиот дел излегува надвор, појаснува Трајанов.

Горан Попоски од ИКТ Комората МАСИТ, пак, нагласува дека  во идниот развој е особено значајно развивањето локална вредност, а треба да се има предвид  и фактот оти големината на пазарот го движи бизнисот.

– Првин треба да се насочиме тука да развиваме локална вредност, апликативен софтвер,  адопција на мултискрин решенија прилагодени за македонскиот пазар и пошироко. Не е само во прашањето каде сме насочени туку колкав е  и пазарот во кој се наоѓаме,  бидејќи големината на пазарот го движи бизнисот. Ако локално не ги предизвикаме  големите компании да дојдат тука тие нема да дојдат, изјави Попоски.

Пинерски, но значајни чекори во развојот на софтверскиот пазар прават и дел од фирмите што почнаа со работа во рамки на Фондацијата ПСМ Инкубатор како почетни бизниси. Повеќе од половина од тие компании работат исклучиво за извоз.

– Ако се има предвид фактот дека станува збор за почетни старт ап бизниси приходите што ги добиваат од надвор се за почитување. Грубо компаниите имаат отприлика на годишно ниво околу милион евра приходи, што е сериозна бројка во услови на криза. Значи станува збор за сериозен потфат и ние сме задоволни од нивниот успех, оценува во изјава за МИА Љупчо Деспотовски од ПСМ Инкубаторот.

Дел од компаниите, како Кодвел, Веб фактори, Њу медија, Глобал нет,  најчесто работат аутсорсинг, но, според Деспотовски, дел од нив се обидуваат да развијат сопствени производи што би  ги пласирале надвор. Поедноставно  е да се работи аутсорсинг, но во секој случај се надеваме дека полека полека, не само  овие, туку и некои други компании ќе развијат сопствени производи и услуги што ќе ги продаваат надвор, наведе Деспотовски.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски  истакнува дека владините политики се максимално насочени кон поддршка на ИТ секторот, чие учество, како што вели,  со 4 проценти во БДП е многу повеќе од голем број европски развиени земји.

– Постојано во соработка со академската заедница преземаме активности да се развијат што повеќе млади умови во областа на ИКТ затоа што додадената вредност на производот  што се прави од информатичкото општество конкретно една софтверска апликација нема граници. Тоа може да се види  преку голем број пример, како еден Скајп, Јаху,  Гугл,  софтверска апликација што пред се има огромна моќ со нови вработувања, бруто пораст на  економијата во државата каде е креирана. Ќе подолжиме да  се движиме во таа насока со политиките кои ги креира Владата и МИОА, посочува Ивановски.

Би можело да ве интересира

Македонија има најбрз интернет во регионот

ЦУК: Куче паднало во шахта и ги изгризало оптичките кабли, без интернет биле „Филип Втори“ и Поликлиника „Букурешт“

А1он

(ВИДЕО) Дел од профилите кои регрутираат граѓани за големата интернет измама за пари веќе не се активни, струмичката СмартКлик пријавила злоупотреба на името

Александар Тодески

(ВИДЕО) Масовна измама на интернет во Македонија, се нуди брза заработка

Александар Тодески

Ковачевски: Во Северна Македонија 83 отсто од домаќинставата имаат пристап до широкопојасен интернет

Горан Наумовски

Прекин во мрежата на Телеком: „Градежни работи ги оштетиле каблите на различни локации“

А1он