Одложениот годишен состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) за 2022 година ќе се одржи во швајцарскиот алпски скијачки центар Давос, изјави основачот на СЕФ, Клаус Шваб, отфрлајќи ги шпекулациите за можно преместување на овој собир од неговиот традиционален дом на друга локација.
– Ќе се одржи во Давос, истакна Шваб во интервју за таблоидот Блик, објавено денеска, на прашањето дали СЕФ ќе размислува за Сингапур како место за одржување на овој настан, каде се собира светската бизнис и политичка елита.
Поради ситуацијата со Ковид-19, организаторите на СЕФ одлучија да го преместат местото на состанокот планиран за 2021 година од Давос во еден врвен конференциски центар во централна Швајцарија, а потоа ја сменија локацијата и го избраа Сингапур пред целосно да се откажат од настанот поради пандемијата.
Светскиот економски форум вчера соопшти дека го одложува одржувањето на годишниот состанок за 2022 година за лето поради ширењето на сојот омикрон.