Понудувачот за Макпетрол се крие на Карипските острови. Трагите за фирмата Балкан петролеум завршуваат во Британските Девствени острови, во фирма која е дел од панамските документи. Според записот во кипарскиот централен регистар зад целата операција стојат фирмите „Далиа Глобал корпорејшн“ (Dalia global Corp) и „Воландес асетс корпорејшн“ (Vollandes assets corporation). Во документите до кои дојде Телма се гледа дека походот кон Македонија почнува од фирми кои се регистрирани на малата оф-шор држава Британските девствени острови на адреса на Тридент. Тридент е бизнис-адвокатска фирма која отвора оф шор копмании за клиенти низ цел свет.
Според ТВ Телма, двете фирми со по влог од 500-тини евра на 17-ти мај во Лимасол на Кипар ја отвораат Даволиа. Новоотворената компанија Даволиа за иста сума од илјада евра 11 дена подоцна, на 28-ми мај во Лондон ја формира фирмата Балкан петролеум холдинг лимитед. Балкан Петролеум на 8-ми јуни објавува понуда за превземање на Макпетрол.
Далиа глобал и Воландес немаат класични адреси туку поштенски фахови отворени во градчето Роад Таун на Девствените острови. Поштенските фахови се во сопственост на компанијата Тридент која има многу подружници на островите.
Една од нив е Тридент Кјуоано која ја има на црната листа на европската комисија затоа што отварала фирми преку кои во 2011-та либискиот владател Моамер Гадафи префрлал и перел пари низ Европа. На нејзин поштански фах е регистрирана фирмата Воландес.
Другата компанија Далиа глобал е регистрирана на поштенски фах на Тридент чемберс со број 146. Овој број на поштенски фах (146) го има на панамските документи, како адреса каде се отворени десетици оф-шор фирми низ целиот свет од каде се изведувани сомнителни зделки.
Далиа глобал и Воландес се имиња на две карипски фирми кои биле затворени пред 3-4 години, но оваа година се јавуваат повторно во кипарскиот централен регистар. Далиа глобал била панамска фирма, додека втората Воландес асетс работела од Бахамите.
Сега и двете стојат зад понудувачот зад Макпетрол. Зделката ја почнале од девствените острови во Карипското Море, потоа трагата ја кријат преку фирма формирана во Кипар пред помалку од два месеци, а дополнително се отвора и трета фирма со капитал од илјада евра во Лондон, Балкан Петролеум која ја испраќа понудата за Макпетрол, пренесува Телма.
Инаку, во понеделникот Балкан Петролеум поднела до КЗВ барање за издавање дозвола за понуда за преземање на Макпетрол.